| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Македонска филхармонија со Мојца Злобко Вајгл

Македонската филхармонија вечер во Домот на АРМ ќе одржи симфониски концерт „Импресии“. Како солист ќе се претстави харфистката Мојца Злобко Вајгл од Словенија, која ќе ги изведе Светите и профани танци од Клод Дебиси и Интродукција и алегро од Морис Равел.

Диригент на концертот е Борјан Цанев, кој е добитник на македонското признание „Најдобар музички изведувач во 2013 година“.

Мојца Злобко Вајгл (1967, Љубљана) е солист и камерен музичар со интернационална кариера. Предава на Академијата за музика во Љубљана, каде дипломирала во 1991 година, период кога почнала да работи и како соло-харфистка во оркестарот на Словенечката опера и балет. Настапувала со ансамбли, вклучувајќи ги и Берлинскиот симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Стокхолм, Камерниот оркестар на Хамбуршката филхармонија, Гудачкиот квартет „Лајпциг“, квартетот „Орфеус“, Белградската филхармонија, Сараевската филхармонија, Националниот оркестар на Киев.

На концертот ќе бидат изведени и два танца од балетот „Естанција“ оп.8 од аргентинскиот композитор Алберто Гинастера, како и Кармен свитата од Родион Шчедрин.

Македонската филхармонија со изведбата на дело од Гинастера, се приклучува кон јубилејот – 100 години од раѓањето на еден од најзначајните аргентински композитори и латиноамерикански музичари на 20 век. Неговиот балет „Естанција“ е едно од делата сместени на врвот од неговото творештво и често е дел од репертоарот на симфониските оркестри

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top