| четврток, 6 декември 2018 |

Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун

„Борба, надеж, победа“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи овој петок (19 октомври) во 20 часот. За првпат во Македонија, гостува врвниот австриски диригент Густав Кун, под чија диригентска палка ќе биде изведена една од најмонументалните симфонии на сите времиња – Симфонија бр. 9 од Лудвиг ван Бетовен.

Во овој грандиозен проект, покрај оркестарот на Македонската филхармонија, учество ќе земат извонредните солисти: Софи Горделадзе – сопран (Грузија), Џорџ Винсент-Хамфри – тенор (САД), Михаел Купфер – бас-баритон (Германија) и Марта Лоти – мецосопран (Италија), како и Филхармонискиот хор „Светослав Обретенов“ од Бугарија и македонскиот хор „ПроАрс“.

Уште од нејзината премиера во Виена, на 9 мај 1824 година, кога Бетовен веќе бил потполно глув, диригирајќи без вистински контакт со музичарите поради што за малку бил избегнат дебакл, Симфонијата бр. 9 станува едно од круцијалните дела во музичката историја. „Деветтата“ не е само врвно достигнување на класицизмот и дело-водилка кон романтизмот, туку и супериорна композиција чии звуци се поистоветуваат со химна на човештвото и хуманизмот. Затоа ова дело е редовно присутно на концертните програми во светот, а нејзиниот четврт став, „Ода на радоста“ е усвоен од страна на Советот на Европа во 1972 година и во Европската Унија се користи од 1986 година како Химна на Европа.

Австрискиот диригент Густав Кун е основач, уметнички директор, шеф-диригент и сценски директор на Тиролскиот фестивал во Ерл, фестивал со богата програма од сферата на класичната музика и операта, каде што е и активен како уметник. Само во 2013 година, маестро Кун бил диригент и режисер на четири опери од Верди: „Риголето“, „Травијата“, „Трубадур“ и „Набуко“, а истата година ја диригирал и операта „Парсифал“ која доживеала огромен успех на музичкиот фестивал во Пекинг. Повеќе од 20 години Густав Кун е сосема посветен на диригирањето и на продуцирањето опери, создавајќи извонредна уметничка синтеза помеѓу музиката и сцената, а неговото име стои на голем број продукции, меѓу нив и на „Салома“, „Дон Карло“, „Отело“, „Боеми“, „Фалстаф“…, изведби кои, како што ќе ги опише критиката, „го одземаат здивот“. Во 1993 година ги разви сериите „Хал опера“ за Сантори Хол операта во Токио. Гостин-диригент е во Берлинската филхармонија, Израелскиот филхармониски оркестар, Лондонскиот филхармониски оркестар, Филхармонискиот оркестар на „Скала“, Националниот оркестар на Франција, Виенската филхармонија…, во оперските куќи во Виена, Лондон, Салцбург, Париз, Милано…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top