Сеск Фабрегас го загуби трпението греејќи ја клупата на Челси, а управата на лондонскиот клуб е подготвена да го продаде овој фудбалер уште во јануарскиот преоден рок. Зелено светло за ваков трансфер дал и самиот менаџер Антонио Конте, кој смета дека Шпанецот воопшто не се вклопува во неговата концепција за играта на лондонскиот клуб, па најдобро за сите ќе биде ако си замине. Конте сака да доведе нов играч за врска во јануари, што е јасен знак дека Фабрегас би добивал уште помала минутажа, па агентот на екс-фудбалерот на Барселона веќе почнал со потрагата по нов клуб за својот клиент.
Фабрегас е трет најплатен фудбалер во Челси со заработувачка од 160.000 фунти неделно, па јасно е зошто „сините“ ќе настојуваат што поскоро да се ослободат од неговиот договор. Како што јавуваат англиските медиуми, Челси е подготвен да го пушти Фабрегас и на шестмесечна позајмица, но доколку од новиот клуб добие гаранции дека во јули целосно ќе го откупи договорот на Шпанецот.
Интер и Милан се клубовите кои се сериозно заинтересирани да го видат Сеск Фабрегас во своите редови, а не се исклучува можноста во трката по Шпанецот да се вклучи и Јувентус, ако се знае дека Челси не игра во европските купови, а Фабрегас сигурно би бил суперзасилување за настапите во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.