| четврток, 6 декември 2018 |

Здравство достапно секому: 3.700 апарати наменети за повеќе од 100 јавни здравствени установи низ земјава

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска најави нов мегапроект во областа на здравството.

Објави дека е предвидена набавка на нова медицинска опрема во секој град во земјава, во вкупна вредност од околу 33 милиони евра.

-Нашата цел е овозможување траен капитал во македонското здравство за набавка на најсовремена опрема со која ќе се фати тек со голем број  други напредни здравствени системи и ќе се одговори на најголемиот дел на потребите на здравстевните установи кои, всушност, преставуваат потреби на граѓаните – подвлече Груевски.

Во секој град во државата ќе биде набавена нова медицинска опрема за секоја јавна здравствена установа, болница: клиничка, општа или специјална, здравствен дом, како и за болниците и клиниките во Скопје. Станува збор, како што појасни Груевски за прецизен план за набавка на околу 3.700 апарати наменети за повеќе од 100 јавни здравствени установи низ државата, кои ќе бидат доопремени со најсовремена медицинска опрема.

Кај дел од установите ќе се замени постојната постара и дотраена опрема со нова, а кај поголем дел од нив ќе се безбеди опрема каква што претходно воопшто немало во установите со цел што е можно поголем број здравствени услуги да се доближат до местото на живеење на граѓаните.

Прво, сакам да истакнам дека комплетно ќе ја обновиме стерилизацијата во сите јавни здравствени установи, со набавка на нови апарати за механичко миење на хируршки инструменти, како и нови апарати за стерилизација и автоклави. Исто така во повеќе јавни здравствени установи ќе набавиме и нови инфузиомати и перфузори (за апликација на терапија). Само овој сегмент од набавката чини околу 5.8 милиони евра и е многу важен од аспект на безбедноста и хигиената при пружање на здравствените услуги. Еден посебен дел од набавката е фокусиран на нови мамографи за дијагностика на најчестото малигно заболување кај жените – карцином на дојка. За таа цел, издвојуваме над 600.000 евра за набавка на 8 најсовремени дигитални мамографи за повеќе јавни здравствени установи во различни градови низ државата, рече Груевски.

Во рамките на овој циклус на набавка, додава Груевски, сериозно место зазема и обезбедувањето на нови дигитални рентген апарати кои ќе бидат лоцирани во поголем број на клинички и општи болници во разни градови и за која цел инвестираат колу 1 милион и 300 илјади евра. Дигиталните рентген апарати имаат значително помало зрачење од старите и овозможуваат издавање на прецизна слика во дигитална форма.

За прв пат во Општата болница во Кавадарци, ќе набавиме нов апарат за компјутерска томографија. За првпат Кавадарци ќе добие ваква дијагностика, од која потреба имаат повеќе од 500 пациенти од овој регион годишно. Ова ќе биде значајна инвестиција за Кавадарци, имајќи предвид дека досега за оваа дијагностичка процедура пациентите се упатуваат во Велес или во Скопје, патуваат по неколку десетици или стотина километри во еден правец. Со новата опрема која ќе ја набавиме, пациентите оваа здравствена услуга ќе ја добиваат во своето место на живеење, што значи побрза дијагностика и побрз третман доколку се дијагностицира одредено заболување. Ваков апарат ќе добие за прв пат и болницата во Кочани. Практично до сега компјутерска томографија постоеше во болницата во Штип, а со новата набавка во Кочани ќе бидат покриени потребите за Источна Македонија, рече Груевски.

На Универзитетската клиника за радиологија ќе биде набавен нов апарат за компјутерска томографија. Оваа дијафностика дневно ја користат 40 – 50 пациенти само во рамки на оваа установа. Најави дека ќе се набави и уште еден апарат за магнетна резонанца во вредност 1 милион 600 илјади евра со што двојно ќе се зголеми капацитетот на клиниката за вршење на најсовремени испитувања и снимања на пациентите.

Во Клиничка болница Битола, предвидена е набавка на трансректална сонда за биопсија на простата, со што ќе се овозможи воведување нова метода која досега воопшто не се работела во болницата и пациентите биле упатувани во Скопје. Ова е многу значајна метода, имајќи предвид дека се применува кај секој пациент кој е сомнителен на карцином (на месечно ниво, во просек по 70 – 80 пациенти). На овој начин, евентуални карциноми во областа на урологија многу побрзо ќе се дијагностицираат и третираат. Особено е важно што во целиот Југозападен регион не се работела досега оваа метода, што значи дека бенефит ќе имаат огромен број жители од регионот, додава Груевски.

На Универзитетската клиника за инфективни болести со новите апарати за првпат ќе се воведе нова технологија од молекуларна дијагностика.

Станува збор за апаратура што е побрза, специфична, со висока сензитивност и со поголема точност во дијагностиката. На пример, апарат IRIDICA-апарат за комбинирана автоматизирана молекуларна метода за идентификација на широк спектар на бактерии, вируси и габички. Бенефит ќе имаат сите пациенти со сомнеж за инфективно заболување, особено тешки имунокомпромитирани болни, како што се пациенти на интензивна нега, по извршена трансплантација, со малигноми, пациенти со инфекции и со хематолошки заболувања и др. Ќе се набават и посебни серолошки тестови за инфективни заболувања по нова методологија, со која полесно ќе се докажува етиологијата на болеста и ќе се даде побрза и точна терапија. На пример, сега се чека по 2-3 дена за микробиолошки тестови, а со новиот апарат за 1 час може да се детектира причинител на болест. На Инфективна клиника сега има многу послаб модел стар 15 години, објасни Груевски.

За прв пат во историјата ќе се набави нова хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија која ќе биде во вредност од 2 милиони евра.

Со ваквата опрема ќе се отвори можност за изведување на операциски и ендоваскуларни хибридни зафати. За потребите на Универзитетска клиника за кардиологија ќе се инвестира во набавка на најсовремен ангиограф за што ќе бидат инвестирани околу 650 илјади евра, со што ќе се применат најсовремените методи за кардиолошки интервенции при вградување на стентови кај пациентите.Исто така на универзитетската клиника за кардиологија ќе се набави С-arm рентген апарат за скопија, на Универзитетска клиника за очни болести – Ласер апарат за корекција на диоптрија, нова опрема за оперативниот блок-(оперативен стол, оперативни маси, оперативни кревети и рефлектори). На Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија ќе се набават два апарата за видеоколоноскопија , електро хируршка единица за полипектомија , а на Универзитетската клиника за дерматологија ќе се набави нова кабина за фототерапија на цело тело во стоечка положба, фототерапија за парцијална UV радијација и фототерапија за различни делови на телото, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

На Универзитетска клиника за детски болести ќе се набави апарат за ехографија со спецификации за педијатриска кардиологија со две сонди неонаталошка од и педијатриска, Дигитален рентген апарат за снимање на мали бебиња).

За потребите на Универзитетска клиника за урологија ќе се набави најсовремен столб за лапароскопска хирургија со hd- камера и снимач за прецизна и полесна хрирурхија и вршење на таков вид на хируршки зафати за што ќе бидат инвестирани 95 илјади евра. За клиничката болница во Тетово ќе се инвестира во набавка на ендоскопски столб вреден 200 илјади евра за сите видови ендоскопски снимања и испитувања. За потребите на заводот на нефрологија во Струга, за прв пат ќе се набави апарат за екстра корпорална литотрипсија вреден 200 илјади евра со кој што ќе се овозможи остранување на камен без операција со негово разбивање со ултразвук. Во Заводот за нефрологија се уште се третираат болнички пациенти кои се на дијализа, и оттука произлегува потребата да се инвестира во нова опрема и во оваа јавна здравствена установа, со цел да се подигне квалитетот на медицинска нега и третман на пациенти на дијализа кои се лекуваат болнички, додава Груевски.

На Клиниката за нефрологија во Скопје ќе се инвестираат апарати во вредност од 115 илјади евра при што ќе се набават комплет хируршки инструменти за васкуларна хирургија, призмафлекс систем за прочистување на крвта при откажување на бубрежните функции, апарат за анализа на телесните течности кај пациент со хронична бубрежна болест, два автоклави и други апарати.

На Клиниката за неврохирургија ќе се набави нова опрема со проценета вредност од 674 илјади евра со што ќе се обезбедат мобилен моторизиран детектор, апарат за невронавигација, оперативен современ стол, перфузиоди и друга опрема. Во општата болница во Прилеп ќе набавиме нов мобилен рендген апарат, нов апарат за лапароскопија со кој на годишно ниво се вршат околу стотина интервенции, претежно на жолчка, како и стол за артроскопија со колен инструментариум, со кој исто така се вршат по 100ина интервенции годишно. Општа болница Велес првпат ќе добие дигитален најсовремен рендген апарат. Сега во оваа болница има само класичен рендген апарат на кој се вршат 18.000 снимки годишно. Со новиот РТГ апарат снимките ќе бидат со подобар квалитет, ќе зголеми бројот на пациенти што ќе може да ги опслужи апаратот и со тоа ќе намали времето на чекање, а воедно ќе се овозможи поголема точност во поставување на дијагнозите и помало зрачење. Се планира и набавка на нов ФАКО апарат, со кој годишно би се вршеле од 200 до 300 интервенции, а воедно со новата опрема се планира и развој на одделението за ортопедија, со посебен акцент на вградување колкови, за што потреба имаат од 80 до 100 пациенти од регионот на Велес, заклучува Груевски.

Појасни дека при подготвувањето на програмата и плановите за обезбедувањето на оваа медицинска опрема се водело особена сметка за регионалниот аспект односно таа да биде застапена и подеднакво достапна за граѓаните од сите региони и населени места во државата. Оваа опрема ќе биде инсталирана во сите градови на нашата земја и тоа согласно приоритетите за секоја болница и здравствена установа во секој град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top