Марија Илиќ седма сезона е дел од тимот кој го организира Модниот викенд Скопје. Таа е задолжена за односи со јавност, контактира со новинарите, испраќа соопштенија, фотографии од ревиите, договара интервјуа со модните дизајнери. Деновиве во тек е четиринаесетото издание и нејзиниот телефон постојано ѕвони. Во шега вели дека ја полни батеријата на мобилниот телефон двпати на ден. Секој сака да дојде на некоја ревија, да види и да биде виден. Со неа разговаравме за тоа како е да се организира Моден викенд Скопје кој стана препознатлив во регионот, со какви проблеми се соочува и кои се нејзините омилени македонски дизајнери. Со Света Богоева Јовановска се одличен тим, прекрасно се надополнуваат како јин и јанг и тие се најзаслужни за најголемото модно случување во Скопје. Тие денови кога се одржува Модниот викенд Скопје е поубав град за живеење.
Во време на одржување на Модниот викенд Скопје, двапати го годината, Скопје станува центар на модата. Колкумина луѓе се задолжени во организацијата на Модниот викенд Скопје да изгледа вака светски?
ИЛИЌ: Тимот кој е „мозокот на операцијата“ е навистина мал и се состои од неколкумина, но вкупната бројка на технички кадар и на сите оние кои стојат за успешната реализација на настанот се во далеку поголем број, во зависност од потребите на сезоната. Ние сме што би рекле Србите „мала чета али одабрана “.
Колку е тешко да се организира едно издание? Колку време траат подготовките?
ИЛИЌ: Настанот трае неколку дена, но верувајте дека подготовките траат и по неколку месеци. Еден месец по завршувањето на едно издание веќе стартуваат подготовките за следниот Моден викенд. Се бараат локации, комуникација со учесниците, партнерите, спонзорите, апликации за бизнис и едукативните програми.. сето тоа одзема време.
Се исплати ли трудот?
ИЛИЌ: Ако погледнеме наназад и ако го земеме предвид фактот дека во моментов се одржува четиринаесеттиот Моден викенд Скопје, значи дека сме на добар пат и дека навистина вложуваме многу труд. Сосема нескромно ќе кажам дека Света Богоева Јовановска и тимот кој работи на настанот му овозможија на Скопје и на луѓето од фелата да бидат „блиску“ до другите земји, како од регионот така и подалеку. Верувајте дека многумина кои се обиделе да направат ревија или сличен настан, многу брзо дошле до заклучок дека не е така лесно и едноставно како што изгледа. За организација на настан од ваков тип не е доволно само да наредите столчиња и долга писта. Ако исплатливоста на ова ја мерите во финансиска смисла тогаш е релативно од сезона до сезона, а и индивидуално што за некого значи исплатливост . Ако исплатливоста ја мерите според успешноста тогаш ќе кажам дека и покрај тоа што секогаш може биде подобро, ние зад нас имаме навистина успешни модни случувања.
Што е најтешко во организацијата? Паметите ли некоја случка која ве довела во непријатна ситуација, а денес од дистанца ви е смешна?
ИЛИЌ: Кога уживате во она што го правите, сите маки се слатки. Вистина е дека не секогаш е розово, но секогаш се трудиме да најдеме најдобро решение. Идеји верувајте не ни недостасуваат, но некогаш е проблем да најдеме технички услови за да си ја реализираме замислата. Скопје е се уште град со ограничени можности во смисла на простор кој би бил адекватен, а би бил различен секоја сезона. Во однос на мојата работа, во изминатите седум сезони колку што сум дел од оваа екипа, верувале или не, непријатните случки не можам да ги избројам ни на една дланка. Имам одличен однос со новинарите и соработниците и се трудам да им бидам максимално на располагање. Се случи млада дизајнерка која истовремено функционираше и како блогерка да испрати опширен меил во 2 часот по полноќ кај Света и да се жали како не била седната во прв ред, се случувало да се јават новинари и да прашаат зошто во подарок-пакетите кај некој колега имало пенкалце или некој симболичен подарок плус…моите „проблеми“ отприлика се сведуваат на ваков тип и на седнувањето во тој „фамозен прв ред“. Речиси без исклучок поплаките ги имаат новинари кои многу ретко доаѓаат на настанот, или се од сектор кој не следи мода или пак од портали кои штотуку почнале со работа.
Во време на одржување на Модениот викенд верувам дека сте најбарана личност. Секој сака да дојде на некоја ревија. Кои ревии предизвикуваат најголем интерес?
ИЛИЌ: Две недели пред настанот мобилниот телефон го полнам барем два пати дневно. Причините од кои луѓето сакаат да бидат дел од нашиот настан се различни. Некои сакаат да видат нова колекција, некои сакаат да бидат видени и да се сликаат а некои доаѓаат од љубопитност. Бројот на покани е ограничен, а покана повеќе се бара за најголемиот дел од ревиите. Се подразбира дека најголем интерес предизивкуваат дизајнерите кои имаат веќе изграден бренд или имиџ, но сме имале ситуации ревиите на дизајнери кои дебитираат на Моден викенд Скопје да бидат неочекувано посетени, бидејќи работеле извесен период претходно, но немале официјална ревија.
Носите ли модели од македонски дизајнери? Кој е вашиот омилен македонски дизајнер?
ИЛИЌ: Со задоволство носам македонски дизајнери и имам повеќе парчиња во гардероберот. Без да го оправдувам својот одговор , ќе речам дека ја почитувам работата на сите домашни дизајнери, но ги носам парчињата на оние кај кои го пронаѓам својот стил. Јована Филиповиќ, Мила Кадриу, Александра Митковска, Силвија Михајловска од „Алшар“ се некои од имињата кои редовно ги носам и службено и приватно.
Сте изгледале ли некоја ревија на раат?
ИЛИЌ: Ова е одлично прашање кое прв пат ми го поставуваат. Се уште не! Во зависност од локацијата, ревиите ги гледам „од сенка“ или од бекстејџ. Не сум сконцентрирана на дефилето на манекенките бидејќи сум фокусирана на другите детали врзани за организација, телефонот ѕвони…реагирам некаде доколку има потреба… Традиционално веднаш по завршувањето на последната ревија на секое издание, нашиот тим се собира и со чаша вино ги сумира првите впечатоци.
Моден викенд Скопје постави стандарди за одржување на модни ревии кај нас. Колку сме блиску или пак далеку од модните недели во Париз, Милано, Лондон…?
ИЛИЌ: И блиску и далеку. Не би сакала да ја идеализирам ситуацијата овде, но не сакам ниту да се плука се што е домашно. Убедувањето дека „некаде во странство е секогаш подобро“ не секогаш е исправно. Знаат да не прашаат зошто учествува некое анонимно име и да прашаат дали му е место на Моден викенд Скопје. Како да им дадеме шанса на младите и да им дадеме ветер во грб? Како да ги „убедиме“ да останат да творат овде ако не им дадеме поддршка? Ми пречи кога се најгласни оние за кои пошироката јавност има слушнато токму на нашиот настан. Сме имале можност да присуствуваме на модни недели во регионот и во многу аспекти се зад нас но има и работи со кои можат да се пофалат. Модните недели се големи настани кои во развиените држави водат до обрт на големи суми. Како да се споредиме со една Италија каде во игра се милијарди, каде се откупуваат колекции во првите минути од ревијата?! Даваме се од себе и упорно туркаме напред Моден викенд Скопје да стане интернационален бренд.
фото: Ани и Дими
Ерина Богоева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мијата манекенка на Моден викенд Скопје
-
Марија Илиќ, Моден викенд Скопје: Младите дизајнери се креативната сила на државата и заслужуваат шанса да ја покажат својата работа
-
Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска ќе го отворат 17. Моден викенд, Олгица Ѓоргиева го затвора пролетното издание
-
Моден викенд Скопје завршува вечерва со мултимедијална презентација на Ирина Тошева