| четврток, 6 декември 2018 |

Инвестирани 12 милиони евра во проекти во Гевгелиско

Вкупно 12 милиони евра е вредноста на проектите од повеќе области што се завршени или се во тек на реализација во Гевгелиско што денеска локалната самоупарва на Гевгелија ги презентираше пред претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Како особено значаен за жителите е тековниот проект за изградба на пречистителна станица во вредност од 10 милиони евра, од важност за сите аспекти на функционирање на оваа општина. Градежните работи е предвидено да завршат до јуни, следната година.

Пречистителната станица, како што информираа надлежните за спроведување на проектот, има капацитет за 30.000 жители на Гевгелија, но и за приклучување на дел од околните села. Општина Гевгелија, како што информира градоначалникот Иван Франгов, инвестира 1.300.000 евра во нова патна инфраструтура со кружен тек и пат спроти комплексот казина до граничниот премин Богородица. Со тоа, укажа, се создаваат услови за реализација на нови инвестиции за нови казина за што се купени градежни парцели. Тоа, потенцира Франгов, ќе овозможи отворање дополнителни 1.200 работни места покрај 1.200-те вработени во сегашните казина.

Дел од проектите е и фитнес – зоната за млади во вредност од два милиона денари, дел од планираните 40 такви проекти за млади на актуелната власт.

– Работите се одвиваат добро. Тоа што сме го ветиле и го остваруваме што е и одлика на нашето работење наспроти манипулативното и неискрено работење на опозцијата, која што е позната по тоа дека не стои на дадениот збор. Кај нас дадениот збор има вредност и се остварува, изјави Груевски кој посети повеќе места во Гевгелиско.

До крајот на следниот месец во гевгелиското село Давидово треба да заврши изградбата на фекална канализација, инвестиција од 10 милиони денари, обезбедени преку Владината програма за рурален развој.

Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов денеска го информираше претсдедателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за динамиката на проектот посочувајќи дека таа е согласно планираното. По финиширање на основната мрежа ќе следи поставување приклучоци кон домаќинствата.

На средбите со Груевски и Франгов жителите побараа и подобрување на локалната патна инфраструктура, меѓу другото и изградба на пат од селото до манаститрот Св. Илија во должина од 700 метри. Нивното барање, беше посочено на средбата, ќе биде разгледано и ќе се направат напори да се реализира.

Груевски при престојот на Гевгелиско ја посети и новоизградената спортска сала во ОУ „Св. Климент Охрдиски“ во Миравци. Покрај за активности на 180-те ученици, салата ја користи и локалното население, како и повеќе спортски клубови.

Оваа спортска сала, во чија изградба се вложени 24 милиони денари, е 63-от таков објект реализиран преку програма на МОН, а е 97-ма вкупно со салите изградени со програмата на Агенцијата  за млади и спорт, информира заменик министерот за образовани и наука Спиро Ристовски. Во фаза на градба се уште шест такви спортски сали, со што, посочи Ристовски, ќе се стаса до планираната бројка од 100, и е исполнување на уште едно ветување кон населението.

За жителите на Миравци, како што истакнаа, е особено значајно да се овозможи поврзување на локалната патна инфрструктура со автопатот. Бараат од општината да изгради и отворен пазар. Платото за отворениот пазар, според градоналчалникот Франгов, ќе биде готово до крајот на годината, по што ќе почне постапка за набавка на тезги.

Изградба на поголема училишна спортска сала бараат и жителите на село Негорци. Капацитетите на постојната сала во локалното Основно училиште, како што кажаа, се недоволни за 550-те ученици.

Во селото според жителите, треба да се изврши целосна замена на водоводната мрежа, како и да се обнови еден од локалните патишта.

Во Негорци е изградена нова градинка. Како што беше наведено, со доволен капацитет за потребите на населението, но е мал бројот на ангажираниот кадар. Како проблем жителите го истакнаа и отворениот систем на фекалната канализација, поради кој се жалат дека се загадува обработливото земјиште. Според локалната самоуправа, тој проблем би се надминал со пречистителна станица со која би биле опфатени и фекалните води од фабриките. Проценките се дека инвестицијата би чинела околу 900.000 евра, а ресорното Минситерство за траснспорт и врски, според договореното на средвата, ќе ги разгледа можностите за реализација на таков проект.

Жителите на Негорци се интересираа и за можностите за доаѓање на странски инвестиции во тој регион. Одлуката за инвестирање, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, инвеститорите ја носат врз основа на анализи, во кои, меѓу другото, се гледа бројот на невработени.

Груевски при престојот во Гевгелиско го посети и транзитниот центар „Винојуг“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top