| четврток, 6 декември 2018 |

Карпош Соколи потпиша со уште еден Хрват во обид да стигне до првата победа оваа сезона

goran-vrbanc

Карпош соколи е единствениот тим што по шест одиграни кола е без победа во АБА-лигата, згора на тоа скопскиот клуб претрпе и два порази на стартот во БИБЛ, па јасно е зошто „соколите“ настојуваат со дополнително засилување на ростерот да стигнат до новата победа сезонава.

Тимот на Синиша Матиќ реши да ангажира уште еден хрватски кошаркар во своите редови, па потпиша договор со бекот Горан Врбанц. Станува збор за искусен кошаркар кој игра на бековската позиција и кој во таборот на „соколите“ доаѓа по кус престој во косовскиот тим Сигал Приштина. Врбанц зад себе има настапи за екипи како Цибона, Задар, Загреб, Лиеткабелис, Широки и Шолнок, со кои има две шампионски титули во Хрватска, како и еден куп-трофеј (сите со Цибона).

Хрватот денеска ќе биде регистриран во АБА-лигата, што значи дека неговото деби ќе се случи в понеделник, кога Карпош Соколи ќе ја пречека Унион Олимпија во обид да се дојде до првата победа во регионалното натпреварување. Овој дуел воедно ќе претставува и последна шанса за тренерот Матиќ да остане на клупата, бидејќи евентуален пораз ќе значи и отказ за српскиот стратег.

Врбанц е третиот Хрват во редовите на Карпош соколи, откако претходно договори со овој клуб потпишаа и Доминик Мавра и Зоран Вркиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top