Игор Пенов се приклучи на листата на играчи кои си заминаа од Карпош соколи, откако денеска беше обелоденето дека крилниот кошаркар не постигнал договор за продолжување на соработата со овој клуб. „Соколите“ од Карпош на војата веб-страница потврдија дека Пенов повеќе не е член на овој тим, откако претходно од оваа екипа си заминаа и Трајковски, Зековиќ, Мавра и Пери.
– Македонскиот кошаркарски репрезентативец, Игор Пенов, повеќе не е член на Карпош Соколи, откако не беше најден заеднички јазик во преговорите за обновување на неговиот договор со актуелниот вицешампион. Крилниот кошаркар изминатите три сезони повеќе од успешно ги бранеше боите на „соколите“, а претходно има настапувано и за МЗТ Скопје, АМАК-СП, Вардар Осигурување и за Кожув. Летово дебитира во националната селекција. Управата на Карпош Соколи на Пенов му посакува успех во продолжението од кариерата со надеж дека во иднина патиштата повторно ќе ни се вкрстат – се вели во соопштението на македонскиот вицепрвак.
Пенов моментно е најблизу до трансфер во МЗТ Скопје, откако шампионот изрази желба да го врати играчот кој беше дел од тимот што ја освои првата титула во историјата на аеродромци. Преговорите се наоѓаат во завршна фаза и тој наскоро би требало да потпише договор и да му се стави на располагање на тренерот Александар Тодоров на стартот од подготовките на шампионот за новата сезона.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.