Во минатото биле популарни различни трендови за слабеење, некои дури и премногу штетни, други брзо се заборавиле, а трети се популарни и ден денес.
Тренд од 3о-те и 40-те години – Пушење и диета со лимон
Манекенките и познатите ѕвезди беа главни поддржувачи на диетата со цигари, која стана хит низ светот. Диетата е промовирана од компанијата за цигари Лаки Страјк која своите производи ги рекламирала со реченицата „Посегнете за Лаки наместо за колач“.
Втора диета која била многу популарна во овој период е диетата со лимон. Таа дозволувала само сок од цеден лимон помешан со лут црвен пипер или чили и јаворов сируп. Се разбира, килограмите се губеле експресно.
Речиси седумдесет години подоцна Бијонсе повторно ја врати на сцена, откако со ваква нездрава диета симна десетина килограми за една недела за улогата во филмот Dreamgirls. Диетата со лимон „го тресе“ светот и ден денес.
Тренд од 50-те години – Слабеење со молитва
Сакате да ослабнете? Молите се за губење на килограмите. Иако идејава звучи будалесто, во 50-те години таа била најпопуларна низ светот. Откако изгубил 50 килограми свештеникот Чарли Шед напишал книга „Молете се за килограмите да ги снема“ која станува бестселер.
По овој бестселер се појавуваат низа книги со диети со молитва, напишани од други автори, како суперпопуларните „Се молев да ослабнам“ и „Помогни Боже, ѓаволот ме сака дебел!“ кои сугерираат дека не треба да се меша физичката со духовната глад.
Овој тренд се враќа во мода во 2002 година кога докторот Дон Колберт ја објавува хит-книгата „Што би јадел Исус?“.
Тренд од 60-те години – Групи за слабеење и диета со зелка
60-те години се време на ширење на љубов, а тој концепт преминува и на слабеењето. Лицата кои биле на диета почнувале да формираат организации за поддршка. На почетокот на 60-те години така се основала групата која е и денес позната „Overeaters Anonymous”. Групата собирала луѓе кои држат диета, се собирале во просторија и разговарале за проблемите со телесната тежина.
Денес групата Weight Watchers, која потекнува оттогаш е една од најуспешните програми за слабеење која се темели на средби и разговори.
Во 60-те години уште една диета е суперпопуларна – тоа е диетата со зелка. Диета со супа од зелка до денес е една од најпопуларните диети во светот во чија успешност многумина и денес се колнат.
Тренд од 70-те години – Апчиња за слабеење
Со напредокот на науката и медицината, се појавуваат апчињата за слабеење. Производителите за некои тврделе дека имаат моќ на апсорпција на јагленохидратите. Всушност, тие ветувале дека може на пример да се прејадете со пица или хамбургери, без никаква последица на вашата линија. Но, после многу нус-појави, меѓу кои повраќање и вртоглавици предизвикани од овие апчиња, тие се повлечени од продажба. Малку подоцна се појавуваат апчињата за слабеење „Dexatrim“ кој доживуваат вистински „бум“. Но и тие се повлечени од продажба кога се увидело дека состојката која ја содржат за намалување на апетитот е всушност штетна за организмот.
Сепак, таблетите за слабеење до денес не излегуваат од мода, достапни се насекаде во продажба под најразлични имиња и со најразлични „волшебни“ формули за симнување на килограмите. И имаат огромна поддршка од потрошувачите иако многу од нив предизвикуваат зависност за тие таблети, пореметување на метаболизмот па дури и срчеви заболувања.
Тренд на 80-те години – Диета на 9 килограми (Scarsdale diet)
Во 80-те години престанува да се бара решение за брзо слабеење туку се нудат опции за „спартански диетен режим“ и вежбање. А за тоа предводник станува строгата Scarsdale диета, позната како Диета на 9 килограми. Диетата се држи две недели, вклучува исхрана со висок процент на протеини, низок процент на јагленохидрати, и екстремно малку калории (максимум до 1.000 калории на ден, а пожелно помалку). Автор на диетата е доктор Херман Тарновер и тој тврдел дека сите кои ќе ја држат принципиелно диетата две недели ќе загубат 9 килограми неделно. Денес оваа диета, иако се уште има свои бројни следбеници, се смета за класично изгладнување.
Тренд од 90-те години – Аткинс диета
Во 90-те години се промовира идејата да се јадат што помалку јагленохидрати (односно шеќери). Оттука најпопуалрна станува диетата на доктор Аткинс за која тој напишал книга – бестселер. Аткинс првата книга за ваква диета ја напишал во 1972 година но тогаш таа не била ни забележана. Со неговата втора книга, малку променета и доработена, „Dr. Atkins’ New Diet Revolution” тој станува најпопуларниот нутриционист во светот со милиони следбеници на диетата Аткинс. Аткинс ја користи оваа слава од која перфектно заработува па отвора и своја фирма „Atkins Nutritionals, Inc.” која произведувала различни производи за слабеење, како шејкови, сокови, диетни грицкалки и слично. Треба ли да се спомне дека диетата Аткинс е една од најпопуалрните диети и денес?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.