Џихадистите на Исламската држава киднапирале 550 семејства од селата во околината на Мосул и ги држат во заробеништво како жив штит, соопштија од канцеларијата за човекови права при Обединетите нации.
-Сериозно сме загрижени поради извештајот според кој Исламската држава ги користи цивилите во Мосул и во околината на градот како жив штит, додека ирачката армија напредува. Цивилите ги чуваат во близина на своите утврдени позиции или воени упоришта, што може да резултира со сериозни човечки загуби, стои во соопштението на високиот претставник на Обединетите нации за човекови права, Зеид Раад Ал Хусеин.
-Постои опасност дека џихадистите на Исламската држава не само што ќе ги користат цивилите како жив штит, туку би можеле и да ги убиваат, наместо да ги ослободуваат, стои во соопштението.
Ирачките и курдските сили со воздушна и копнена поддршка на меѓународната коалиција предводена од САД продолжуваат со операциите за заземањето на територијата во околината на Мосул, а потоа и чистењето на градот кој веќе две години е под контрола на Исламската држава.
Портпаролката на Обединетите нации, Равина Шамдасани повикувајќи се на доверливи информации преку лични контакти, изјави дека околу 200 семејства биле присилени на 17-ти октомври да го напуштат селото Самалија и да се упатат кон Мосул, а истиот ден уште 350 семејства биле протерани од селото Најафи кон градот.
Од Обединетите нации велат дека моментално се истражуваат и последните информации според кои џихадистите на Исламската држава ликвидирале 40 цивили во село во близина на Мосул, меѓутоа не се објавени поеќе детали за тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.