| четврток, 6 декември 2018 |

Со добрите игри Караско си обезбеди богат договор, ќе остане „јорганџија“ до 2022 година

Раководството на Атлетико Мадрид експресно го награди Јаник Караско за одличните настапи на стартот од новата сезона, потпишувајќи нов договор со него. Актуелниот договор на белгискиот репрезентативец истекуваше во 2020 година, но откако Челси и Манчестер јунајтед покажаа интерес за да го доведат во своите редови, „јорганџиите“ брзо реагираа и се договорија за зголемување на платата, притоа и на должината на договорот за уште две дополнителни сезони.

Караско постигна хет-трик за победата над Гранада, и тоа откако Атлетико се најде во негатива на домашен терен од 0-1. Белгискиот крилен офанзивец ги постигна и головите за победа над Баерн и над Ростов во ЛШ, уште еднаш покажувајќи дека е фудбалер пред кого претстои блескава иднина.

– Тој е млад играч со извонреден карактер, способен да го повлече тимот кога тоа е најпотребно. Неговата брзина и умешноста за дриблинг ни даваат бројни алтернативи во нападот, па јасно е дека новиот договор на Караско е добра вест за сите во нашиот клуб – изјави директорот на Атлетико, Хозе Луис Каминеро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top