| четврток, 6 декември 2018 |

Милчин го воскреснува „ванчомихајловизмот“ со удбашки манипулации

 

Nikola-Srbov-150.jpg

Колумнист: Никола Србов

Сите знаеме дека Милчин не е некој приучен лик, кој чул, но не разбрал, знаеме дека станува збор за интелектуалец со долг стаж, но, исто така, знаеме и дека манипулира со своите написи. Тенденцијата на Милчин е да ја воскресне етикетата „ванчомихајловисти“, која беше користена од 1945 година до 1998 година од страна на службите за државна безбедност, преку кои ја десеткуваа македонската интелегенција.

Стапицата што сака да ја подметне Милчин е во ставањето знак за еднаквост меѓу Тодор Александров и Ванчо Михајлов, со што секој што го почитува Александров, по автоматизам е „ванчомихајловист“ и треба да оди во логор. Секој што е приврзаник на идејата на Македонската револуционерна организација е приврзаник на Александров, а со тоа, според Милчин, тој е „ванчомихајловист“. Значи сѐ што е пред 1945 година е „ванчомихајловистичко“. Врвна манипулација за недоволно информирани луѓе, но Милчин направил превид околу информираноста. Почитуваниот треба да знае дека историја не се учи, а уште помалку се пишува со приложување бројки и букви без нивно толкување. Тоа не е наука.

На самиот почеток сакам да му поставам неколку прашања на почитуваниот Милчин со надеж дека ќе одговори.

1. Како може да се служи со ликот и со делото на една историска личност, во случајов со Ванчо Михајлов, која досега не е обработена од македонската историографија и не се испишани, ниту историографски обработени, нејзините темни, односно светли страни (и покрај тоа што историографијата не познава страни), како пресудува кого ќе оквалификува како „ванчомихајловист“ во негативен контекст, и зошто во негативен, односно позитивен контекст кога ликот не е обработен?
2. Зошто досега не е напишан ниту еден научен труд за ликот и за делото на Ванчо Михајлов?
3. Дали неистражувањето на оваа личност од македонската историја било во полза на властите и на безбедносните служби за да можат во матно да ги ловат своите неистомисленици сѐ до 1998 година?

Сега да преминеме на факти. Во последната колумна почитуваниот Милчин изнел фрагменти од последното интервју на Ванчо Михајлов, но го пропушта клучното за ова интервју, а тоа е, кој го направил интервјуто, по чија наредба, за какви цели и зошто не било веднаш објавено во Македонија? Во јануари 1990 година Ванчо Михајлов на писмено му испратил одговори на новинарот Вишински, а подоцна следувала и средба меѓу нив двајца.

kol216-srbov-milcin

За да не го правам истото што го прави почитуваниот, јас ќе приложам документи. Број на лично досие 7.860. „Во април 1990 година соработникот ’Стручњак‘ преку бугарскиот архимандрит во Ватикан, Ѓорѓи Елдаров, и со гаранција на директорот на Радио Ватикан, остварил средба со емигрантот Ванчо Михајлов во неговиот стан во Рим, со кого разговарале за актуелните настани во Југославија и во СР Македонија…“. Притоа „Стручњак“ на службениците од СДБ им пренел: „Со Ванчо Михајлов се сретнав во Рим, во неговиот апартман, на 7 април 1990 година. На средбата беа и Вида Боева и Антон Попов“. Почитуван Милчин, ова е, всушност, средбата по интервјуто за кое вие пишувате и манипулирате. Ваша должност кон читателите е да им кажете дека Вишински заминал во Рим со знаење на безбедносните служби со цел да се добијат нови сознанија за „Илегални“ – Ванчо Михајлов, и за „Центарот на Илегални“ – станот каде што живеел Ванчо Михајлов, кој, патем, бил скициран од страна на УДБ, која знаела каде стои и најмалата ваза во станот.

Зошто манипулирате со интервју што не е целосно објавено? Прво, кога во интервјуто е вмешана службата за државна безбедност, ќе се согласите и вие, тоа не било направено со цел да се информира јавноста за ставовите на Ванчо Михајлов, туку за потребите на службата. Па се поставува прашањето, што сакала да скрие СДБ со необјавувањето на интервјуто, зар не мислите дека доколку тоа било во светлината на ставовите на Михајлов, такви какви што ги знаеме, дека СДБ не би го објавила веднаш и со тоа да си ја бетонира тезата за „ванчомихајловизмот“? Кога веќе сте се нафатиле да пишувате за една целосно неистражена личност, сте требале барем малку да прочепкате. А дали вие го имате прочитано целото интервју? Зошто не ѝ кажувате на јавноста дека, цитирам: „Според Ванчо Михајлов, отворените демократски процеси во Југославија ќе доведеле до дестабилизација и до распаѓање на Југославија и ќе се остварела неговата идеја за обединета и независна Македонија“. Ова е изјава на Вишински во СДБ, дел од разговорот со Михајлов, но јас тука не ја прикажувам целосно со цел да ви докажам дека преку манипулации можеме и од Ванчо да направиме првоборец, небаре станува збор за Гоце Делчев, но не е тоа целта на историографијата. Се плашите ли од ваквите зборови на човекот што УДБ го чуваше со цел преку неговото име да уништува илјадници македонски фамилии? Дали ова се коси со вашите потреби од неговото име во политички цели дури и денес, 26 години по неговата смрт? Околу ставовите изнесени од страна на Михајлов во интервјуто, Вишински го изјавил следново: „Околу прашањето за обединета и независна Македонија во рамки на бугарската држава или самостојна, тој повеќе е за самостојна држава“. Оваа реченица е погреб на митот што го градела УДБ, оваа реченица е последниот доказ за сепаратизмот на Ванчо Михајлов, кој се залагал за независна Македонија од негови лични побуди. Националниот момент во неговите ставови е друго прашање, но вие сте напишале „толку од автономизмот на Михајлов“ па еве ви одговор со зборовите на Михајлов пренесени преку Вишински.

Зошто не било објавено интервјуто во Македонија? На 20 април 1990 година службеник на СДБ контактирал телефонски со Вида Боева, а во својата белешка службеникот запишал: „Без да ја прашам, Вида кажа дека пред извесно време кај нив во станот дошол Вишински и имал разговор со Ванчо Михајлов. (…). На разговорот присуствувала и Вида и како поинтересно го издвојува тоа што Ванчо Михајлов го прашал зошто не го објавил интервјуто што му го дал. Вишински кажал дека се плашел да го објави и дека ’тоа интервју е за во архива‘. По заминувањето на Вишински, В. Михајлов прокоментирал: ’Сигурно е испратен од некого, сам не доаѓа‘“.

Овој дел ќе го завршам со прашањето: Зошто УДБ се залагала да ја добие архивата на Ванчо Михајлов во акцијата „Латина“, а тоа не го правеле научните државни институции? Дали се плашела од тоа што го има во архивата во случај да оди контра нејзиниот мит и таа да падне во туѓи раце? „На прашањето на (…) [соработникот] дали во ковчезите е архивата на Ванчо Михајлов, Вида одговорила дека архивата е добро скриена и не е во станот“. Толку.

Во своите писанија почитуваниот пишува за контактите на Тодор Александров со Советскиот Сојуз, со што неговата крајна интенција е ставајќи го Александров во некоја идеолошка рамка, која, наводно, денес се коси со идеологијата на десницата во Македонија, на десничариве да им се одмилел ликот на овој македонски деец.

Клучното во целава манипулација е тоа што Милчин не знае каков е и каков бил поривот за обединета Македонија кај македонскиот народ. Не сфаќа дека љубовта кон Македонија и желбата за достигнување на крајната цел не познавала идеологии и партии, а не познава ни денес, таа е пред сѐ и над сѐ. Имам впечаток дека Милчин не е доволно информиран за дејноста на Александров бидејќи и за него се служи со лесно достапни интервјуа, јас во овој момент само ќе го надополнам.

„На 30 декември 1923 година, Централниот комитет на ВМРО прави Проект за спогодба со Советска Русија во кој се наведува: ВМРО, која ги претставува Македонците што се борат за национално самоопределување, политичка слобода, самоуправа и најголема можна социјална правда, има цел обединување на Македонија, распарчена меѓу Бугарија, Србија и Грција во 1913 г. Со Букурешкиот договор за мир и со Нејскиот во 1919 година, во една политичка единка, која подоцна ќе биде рамноправен член на една балканска федерација, или барем во првата своја етапа – на една југословенска федерација“. Потпишано лично од Тодор Александров.

Во еден дел Владимир Милчин ни го посочува делот за кој ни самиот тој не сфаќа дека го прави Александров уште поголем. Милчин ни го одвоил делот од интервјуто на Александров во кое тој се согласува Македонија да влезе во рамки на Југославија со цела нејзина територија како федерална единица со признаен македонски народ и со сите права.

Ќе му дадам уште еден бонус на Милчин:

Пред одржувањето на изборите во Кралството Југославија, во кампањата се вклучила и ВМРО на чело со Александров. Во писмото испратено до Македонците што се наоѓале под српска окупација, во точка 3. Александров запишал: „Ако српската шовинистичка власт не дозволи да се изберат локални водачи, сите избирачи да ги дадат своите гласови на комунистите, под услов последните да се согласат во прво време да се борат за федеративно уредување и за примена на договорот за малцинствата“. Со последниот дел од реченицата Александров ги потсетувал и самите комунисти дека треба да се борат за федерален статус и за признавање на Македонците.

Почитуван, дали ви е малку појасна прагматичноста кај македонските дејци за достигнување на целта? Доколку не ви се разјасни, ќе ви дополнам уште со неколку факти.

Во 1974 година, во пресрет на Конгресот на ДООМ, кој требал да се одржи во Минхен, Драган Богдановски испратил писмо до својот близок соработник од Париз во кое му пишал дека сака во Движењето да внесе социјалистичка компонента сѐ со цел да добијат помош од Советскиот Сојуз, или од одредени кругови во СФРЈ, кои се појавиле по носењето на Уставот во 1974 година. Замислете, антикомунистичката, антидржавната политичка емиграција зборувала за социјализам, но тоа, почитуван Милчин, се вика прагматичност кон постигнување на целта, обединета и независна Македонија.

На крајот ќе завршам со зборовите на генералот Михајло Апостолски запишани во неговите последни сеќавања: „Додека бев на школување во Белград, во едно писмо мајка ми ми пишуваше дека Тодор Поп Орушов е убиен и дека тие се во голема жалост. Интересно е што цензорите не сфатиле за кого станува збор бидејќи беше пишан како Поп Орушов, а стануваше збор за Тодор Александров“. Гледате почитуван, фамилијата на генералот жалела за убиството на еден од најголемите водачи на ВМРО.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top