| четврток, 6 декември 2018 |

Широка коалиција – најбрз пат до долгорочна нестабилност

Идејата за широка коалиција, која треба да се формира по изборите, за која отворено зборуваат и македонската опозиција и странските дипломати, е најбрзиот начин Македонија да дојде до долгорочна нестабилност од која земјата нема да се поврати со години. Искуствата од други земји во соседството и во Европа покажува дека широките коалиции не се штетни само за големите политички партии, туку се штетни и за политичкиот систем во кој ниедна партија не може да ја задржи енергијата, поддршката и моќта да ги спроведува реформите

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Најкарактеристичен пример што ја потврдува тезата за широките коалиции како смрт за традиционалната парламентарна демократија е Австрија. Во оваа земја каде што традиционалните политички ривали социјалдемократите и конзервативците од Народната партија често влегуваат во владина коалиција доведоа до ситуација оваа отворена земја, која е една од водечките по бројот на примени бегалци и емигранти, да добие претседател краен десничар, а јавното мислење да стане радикално спротивставено на голем дел од либералната политика. Во Австрија ваквиот пристап кон политиката во кој двете најголеми партии „се безбедни“ од одење во опозиција придонесе земјата целосно да отстапи од традиционалните политички вредности и да создаде хаос во политиката.

Иако приказната во Германија и во Италија е поинаква и во овие две водечки членки на ЕУ големите коалиции не придонесоа за развој, туку повеќе за стагнирање на реформите, од проста причина што ниту една партија не сака да го преземе товарот за менување на државата од страв дека за тоа ќе биде казнета на избори. Оваа опасност е голема и кај партии што владеат сами, но, сепак, во големите коалиции многу потешко се донесуваат одлуки поради стравот да се ризикува, но и поради поинаквите гледишта при спроведување на реформите. Друг проблем што е евидентен во Германија е падот на довербата во партиите од големата коалиција и порастот на рејтингот на радикалната десница. Иако главната причина за падот на популарноста на ЦДУ/ЦСУ и на СПД е политиката на отворени врати, не треба да се занемарат ниту понекогаш конфузните и спротивставени ставови за важни прашања како бегалците, Русија, Блискиот Исток, трговските договори со САД и со Канада и други теми. Таканаречениот Трет кабинет на Меркел, формиран во 2013 година меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД, за три години загуби повеќе од една третина од довербата што ја доби при формирањето и сега има помалку од 59 проценти поддршка, а во меѓувреме крајно десничарската Алтернатива за Германија, која е формирана пред три години, успеа да дојде до рејтинг меѓу 12 и 14 проценти. Наивно е да се верува дека бегалците се единствена причина за падот на Меркел и на Габриел и за подемот на Фрауке Петри. Дел од причините за ваквите трендови во земја во која од Втората светска војна имаше влади со една голема и со една мала партија, а сега со двете најголеми партии, сигурно можат да се најдат во безидејноста и во долгорочната суспензија на критериумите за формирање влада.

 

Зошто се пласира тезата за широка коалиција

За опозицијата е јасно дека приказните за широка коалиција се корисни и добродојдени. Широката коалиција, иако е целосно нефункционална, освен ако не се работи за состојба на војна или на природна катастрофа од големи размери, е корисна и за партиите што не можат да дојдат на власт. За СДСМ широката коалиција е единствена мотивација за голем дел од членовите, кои се разочарани од партиските рејтинзи и од политиката на својата партија. Тие се свесни дека СДСМ не може да го победи ВМРО-ДПМНЕ на изборно соочување, но идејата за широка коалиција ќе им даде енергија да ги издржат сите Сцили и Харибди во периодот до 11 декември со надеж дека, и покрај поразот, ќе можат да се дограбат до државна функција. Кај ВМРО-ДПМНЕ последиците се сосема спротивни, голем дел од партиските членови нема да дадат сè од себе ако знаат дека без разлика на резултатот од изборите, голем дел од функциите во новата влада ќе им бидат дадени на поразените само за да се зачува божемната стабилност.

 

Странците најголеми поддржувачи на широката коалиција

Причините зошто меѓународниот фактор, што и да значи тоа, е најголем поддржувач и инспиратор за влез на двете најголеми македонски и на двете најголеми партии на Албанците, се едноставни. Странците сметаат дека притисокот што го трпи Македонија во спорот за името ќе може многу полесно да се канализира ако владата ја сочинуваат четирите најголеми партии, како што беше случај во 2001 година, кога Македонија се согласи на Охридскиот рамковен договор, кој од темел ја промени земјата. Анализите и сега се слични. Странците ќе вршат притисок на СДСМ да прифати решение за името дури и ако тоа не ги задоволува македонските позиции, а сигурно е дека притисокот кон ДУИ и кон ДПА нема да биде силен затоа што ниту Тачи ниту Ахмети немаат никаква емоција кон прашањето за името. Настрана тоа што досега во неколку наврати се покажало дека, сепак, финалните одлуки на Тачи и на Ахмети не се донесуваат во Мала Речица и на тетовскиот плоштад туку во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ во Црниче и на скопското Кале.

Во таква ситуација, доколку ВМРО-ДМНЕ нема доволно пратеници за сама да формира влада или да побара нови избори, не се исклучува ни коалиција од СДСМ, ДУИ и ДПА, кои под патронат на странците би можеле да влезат во сценарија за кои, сигурно, ќе бидат казнети, но тоа ќе биде предоцна за зачувување на автентичниот македонски идентитет.

Веројатно, дел од причините за барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за добивање 63 пратенички мандати од гласачите лежат во опасноста без мнозинство во парламентот ВМРО-ДМНЕ да дојде во ситуација во која нема да може да ги блокира сите операции за промена на името и на националниот идентитет.

(Текст објавен во 216. број на неделникот Република, 21.10.2016)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top