Ние имаме план и програма со конкретни чекори, ја имаме најобемната програма досега фокусирана на нови работни места и многу нови инвестиции и проекти во повеќе области од земјоделие, млади, здравство, образование, социјала и пензиите, инфраструктурата. Ние почнуваме, рече Груевски на големиот народен собир што се одржа во неделата во СРЦ „Борис Трајковски“. По неговата најава, раководството на владејачката партија започна средби со граѓаните.
Многу работи се случија изминативе 2 години на перманентна криза и дестабилизација, обиди за разорување на државата, но ние заеднички со вас, како што викаат старите кроце по кроце, стигнавме до изборите кои сите ги посакувавме и кои ќе бидат крај на кризата. Затоа на овие избори ќе бараме најмасовна поддршка до сега. Затоа што мора да се испратат повеќе пораки до повеќе адреси. Вие сте столбот на нашата држава, кој остана цврст и покрај сите предизвици изминатиов период. Сетете се само низ што се поминавме. Време е за одговорот, за заедничкиот одговор – повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од големиот партиски собир во Скопје.
Членови на Извршниот комитет уште вчера посетија повеќе градови, остварија средби со голем број на граѓани, разговараа за нивните проблеми.
Димовски: Граѓаните сакаат стабилна држава
По распуштањето на Парламентот како политичка партија почнуваме силно на терен, а како симболика во Изборната единица 3 почнуваме од Штип, градот кој во изминатите години прерасна во административен, образовен и економски центар изјави синоќа Илија Димовски од штабот на ОК на ВМРО ДПМНЕ –Штип.
– Време е овој пат максимално да се ангажираме и тоа ќе го направиме сите заедно како тим, кој што многу вложил во целата изборна единица, посебно во овој град Штип. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин, да отидиме во секое населено место, заради тоа што овој пат во прашање е стабилноста на државата. Граѓаните на Република Македонија повеќе не сакаат да живеат во времиња, во кои ќе имаме секојдневни дестабилизации, секојдневни шокови, кога ќе има напад врз институции, напади врз припадници на министерството за внатрешни работи, обиди за девалвација на денарот, напади по македонскиот банкарски и монетарен систем, рече Димовски.
Тој истакна дека граѓаните сакаат стабилна држава која ќе се грижи за националните интереси на македонскиот народ и ќе се грижи за економски напредок, зголемување на бројот на новите работни места и на платите во приватниот сектор и отварање на нови фабрики.
– Граѓаните сакаат да ги гледаат и автопатите како од ден во ден се се поблиски до Штип, но и ќе сакаат да ги гледаат и локалните патишта и локалната инфраструктура, реконструкцијата на училиштата, изгрaдбата на болниците кои што исто така го гледаат секој ден со свое око. Затоа овој пат немаме намера да запреме и имаме намера да дојдеме до конечната цел од 63 пратеници. Не за да ни биде нас полесна работата, туку Република Македонија да биде стабилна држава, рече Димовски.
Ѓорчев од Тетово: 63 пратеници за уставниот поредок и унитарноста на Македонија
Жителите на Тетово поврдија дека се за избори. Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев синоќа од Тетово каде ги започна активностите на терен истакна дека повеќе нема бегање и дека Македонија ќе гласа.
–Чекавме, бевме трпеливи. Избегаа прв пат, избегаа втор пат, трет пат нема каде да бегаат. Во декември гласаме и во декември победува ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата. Вчера се собравме од цела Македонија и порака е дека на 11 декември ќе гласаме повторно Никола Груевски да биде премиер. Порака до цела Македонија – 63 пратеници за унитарноста на Македонија, за уставниот поредок на Македонија, за безбедноста на Македонија, Македонија да биде сигурна и стабилна, истакна Ѓорчев.
Тој истакна дека конечно после две години опструкции и удар од СДСМ каков што во Македонија немало, ќе се оди на избори.
–Направија удар под кој што многу поголеми држави и посилни ќе попуштеа. Македонија не попушти. Македонија беше удирана, но стоеше исправено. Македонскиот народ и граѓаните беа предизвикани, ласирани беа специјални операции против Република Македонија од страна на оние кои тргнаа во целата оваа лакрдија наречена рушење на Владата. Можам да ви кажам дека имаше неколку обиди за рушење на Владата внатре во Собранието и формирање на ново парламентарно мнозинство. Не успеа, затоа што СДСМ не можеше да собере 62 пратеници, посочи Ѓорчев.
Попоски: ВМРО-ДПМНЕ тргнува најсилно досега, фокусот се граѓаните и нивните потреби
–Да прогласиме крај на кризата, конечно излегување од една деструктивна фаза во која многумина се трудеа да нанесат што е можно поголема штета на Република Македонија. Во овој момент нашиот фокус се граѓаните, нивните потреби и проектите кои се најзначајни за нив. ВМРО-ДПМНЕ тргнува најсилно досега, со најсилен фокус на граѓаните, инвестициите, повеќе работни места и проекти во секое населено место бидејќи сметаме дека овој е вистинскиот момент да заврши кризата и да се посветиме на најважната задача која претстои, истакна Попоски.
Тој додаде дека со распишувањето на изборите се во клучен момент во кој граѓаните најдобро ќе може да оценат што сакаат, односно дали сакаат проекти, инвестиции, напредок за државата и заштита на националните интереси.
Тодоров: Поддршка од граѓаните за крај на кризата и неможност на Заев да тргнува со македонските национални интереси
Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, синоќа оствари средба со граѓаните од Велес.
–Предолго траеше, беше наметната од страна на СДСМ, ги оштети и граѓаните и државата. Ќе побараме од граѓаните поддршка од најмалку 63 пратеника, поддршка за крај на кризата и неможност на Зоран Заев да тргнува со македонските национални интереси. Ќе разговараме и за проектите, за она што сме го направиле и за она што планираме да го преземеме како наши политики за нови работни мста, нови фабрики, нови инвестиции, покачување на пензии, подобар животен стандард, за сите реални проблеми кои ги имаат граѓаните а за кои ќе се потрудиме да најдеме решение во нашата програма, истакна Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.