| четврток, 6 декември 2018 |

Со поените на Перо Антиќ Фенербахче со победа ја отвори новата сезона во Евролигата (видео)

fenerbahce

Европскиот вицепрвак и актуелен шампион на Турција, екипата на Фенербахче за која настапува и нашиот најдобар кошаркар Перо Антиќ, новата сезона во Евролигата ја започна со доста мака и со само еден поен разлика славеше победа над германски Бросе Баскет (67-66).

Натпреварот лошо тргна за избраниците на Жељко Обрадовиќ со оглед на тоа што кошаркарите на Бросе Баскет воведната четвртина ја добија во своја полза со резултат од 18-22. Веќе во втората половина од првото полувреме следеше комплетен пресврт, откако Фенербахче го доби овој дел од играта со резултат од 18-11, па на паузата од полувремето замина со позитива од +3 (36-33).

fenerbahce-1

Упорните гости продолжија да пружат силен отпор и во второто полувреме, па така третата четвртина ја добија со минимални 17-18. Во последните десет минути од мечот следеше вистинска драма, откако Германците во последната минута со поените на Милер направија пресврт и поведоа со 65-66. Ова беше сигнал во игра да влезе нашиот Антиќ кој веднаш реализира две слободни фрлања за враќање на предноста на Фенербахче, што се покажа и како клучен потег со оглед на тоа што мечот заврши со истиот резултат.

Богдан Богдановиќ со 18 поени беше прв стрелец во екипата на Фенербахче, додека по 10 поени постигнаа Удох, Весели и Антиќ кој имаше ефект за шут од 1/1 за два поени, 2/3 за три поени и 3/3 од линијата за слободни фрлања.

Во останатите три меча од вчерашната програма со која се заокружи првото коло од новата сезона во Евролигата, Барселона на чудесен начин стигна до победата на гостувањето кај Уникс Казан (63-69) откако успеа да анулира негатива во последната четвртина од цели 15 поени разлика. Панатенаикос на домашен терен го совлада над Жалгирис со 84-76, а Басконија истотака со еден поен разлика славеше против Анадолу Ефес (85-84).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top