| четврток, 6 декември 2018 |

Пред 23 години започна одисејата на фудбалската репрезентација на Македонија (видео)

На 13 октомври 1993 година македонската фудбалска репрезентација го одигра првиот фудбалски меч по осамостојувањето и во историски дуел со убедливи 4-1 славеше над домаќинот Словенија.

makedonija-fudbal

Предводена од легендарниот селектор Андон Дончевски, генерацијата на Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драги Канатларовски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски го одигра првиот фудбалски танц под национално знаме, стоеше гордо на македонската химна и дојде до првата победа. Прв стрелец во историјата на Македонија е Зоран Бошковски – Чоко, кој по асистенција на Панчев успеа да го постигне првиот гол, а мрежата на Словенците ја тресеа уште и Дарко Панчев, Драган Канатларовски и Чедомир Јаневски.

По дуелот во Крањ, следуваше уште еден пријателски меч против Словенија, но во Скопје. Истиот го добивме со 2-0, а потоа во Тетово се соочивме и со Албанија, која ја „прегазивме“ со убедливи 5-1. Нецела година по првиот пријателски меч тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија (ФСМ) влезе во ФИФА, тргна како 147. светска сила, но многу брзо влезе во првите 100.

Денес, македонскиот сениорски фудбал е фрлен во сивилото, а ние повторно сме вратени на позицијата на листата на која бевме тогаш. Исто така и по квалитет сме далеку од селекциите кои тогаш со леснотија ги победувавме. Словенија е редовен учесник барем во баражите за големите натпреварувања, додека Албанија оваа година со пласманот на Европското првенство во Франција го оствари најголемиот репрезентативен успех.

Сепак, по неколкуте добри игри, иако без резултат и бодови, и пласманот на младата репрезентација на Европското првенство во Полска 2017 година, симпатизерите, љубителите на фудбалот и секако сите граѓани во нашата држава можат да се надеваат на позитивни ветришта и излегување од кризата која го зафати репрезентативниот фудбал во последните неколку години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top