Бранко Црвенковски, Зоран Заев, Игор Ивановски, Зоран Јовановски, Кире Наумов, Стево Пендаровски, Тања Томиќ, Александар Наумовски, Миле Зечевиќ се дел од имињата што општинските организации на СДСМ ги предложиле да бидат кандидати за нов претседател на партијата. До 16 мај треба да се знае чии кандидатури Извршниот одбор ги прифаќа. Централата на Бихаќка преку медиумите под опозициско влијание најавува дека на конгресот на 2 јуни за претседателската функција ќе се борат само тројца кандидати. Опозицискиот табор создава место за дисквалификација на Кире Наумов, кандидатот кој прв ја најави својата кандидатура за лидер на СДСМ. Како што пишува „Утрински весник“, повикувајќи се на партиски извори, образложението според кое тој би бил исфрлен од внатрепартиската трка ќе биде дека не исполнува дел од критериумите, односно дека изминатиов период со своите настапи ѝ нанесувал штета на партијата.
Од 17 мај и формално ќе почне внатрепартиската кампања за избор на претседател на СДСМ. Се очекува кандидатите своите програми да ги претстават пред извршните одбори на поголемиот дел од општинските организации, кои би се состанале во проширен состав. Кампањата, според најавите, ќе трае десетина дена.
На јунскиот конгрес, кој брои 705 делегати, има три сценарија за гласање, во зависност од тоа колку кандидати ќе останат во финалната трка. Доколку има три или повеќе кандидати за лидер, ќе има два круга на гласање. Според sтатутот за некој да биде избран, потребно е еден од кандидатите да освои мнозинство од присутните, но притоа мора да има повеќе од една третина од вкупниот број делегати. Доколку бидат понудени двајца кандидати, лидерот ќе се избере во првиот круг бидејќи оној што има поголем број гласови, автоматски ќе има и минимум една третина од вкупниот број делегати. Во случајот „единствен кандидат“, пак, ќе се гласа „за“ или „против“ и истиот ќе се смета за избран ако за него гласа мнозинството од присутните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.