Постојат легални начини за во Германија да се најде работа и без ЕУ-пасош. Правилото вели: колку некој има подобри квалификации, има и поголеми шанси.
Постои разлика помеѓу државјаните на земјите од ЕУ и оние кои не се дел од европското семејство. Тие кои сакаат да работат во Германија, не мора да поднесат барање за добивање азил. Напротив – право на азил нема оној кој сака да го добие само за да најде работа. Освен тоа, сите баратели на азил имаат забрана за работа во првите три месеци престој. Ако некој побара азил, а за тоа како што стои во прописите, “очигледно не постојат оправдани причини”, можно е дури и да добие забрана за влез во Германија и во државите од Шенгенскиот договор. Тоа се однесува на речиси сите оние кои поднесуваат барање за азил а доаѓаат од “земјите со безбедносно потекло”. Тука спаѓаат и земјите од западен Балкан : Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Црна Гора, пишува Факултети.мк.
За барањета за азил на овие граѓани се одлучува многу брзо и речиси секогаш добиваат негативен одговор. Мораат брзо да ја напуштат Германија. Доколку некој не се врати доброволно, тогаш се пристапува кон присилно депортирање во татковината, а трошоците за пат ќе ги сноси самата индивидуа.
Државјаните на ЕУ имаат право слободно да се движат и без ограничување да бараат работа во Германија. Слична позиција имаат и граѓаните на Европскиот бизнис регион од Швајцарија.
За странците од земјите од Третиот свет постојат подруги правила. Граѓаните на западен Балкан можат да работат во Германија само ако имаат дозвола за престој и дозвола за работа. Постојат различни дозволи за престој : ограничен или неограничен, а постои и таканаречена “сина карта ЕУ”.
За добивање дозвола за престој некој мора да докаже дека има доволно средства за живот, дека добива плата со која може да се издржува, или дека некој кој се наоѓа во Германија гарантира за издржувањето на тоа лице.
Тоа значи дека не може да се допатува во Германија и потоа да бара исплата на социјална помош или помош за невработени. Тоа можат само оние кои подолго време престојуваат во Германија и за тоа време плаќале придонеси.
Кој бара работа во Германија, може да побара и “виза за барање работа”, која се добива во амбасадата или конзулатот на Сојузна Република Германија. Дури и кога некој ќе добие ваква виза, сепак не може да работи. Кој ќе пронајде работно место, поднесува барање за добивање “дозвола за престој заради обавување дејност”. Барањето може да се поднесе во земјата (директно во Германија).
Оние кои веќе се наоѓаат во Германија можат како и останатите граѓани во таа држава, да се обратат во Одделот за вработување.
За доделувањето на работно место на странци кои се наѓаат надвор од Германија задолжен е посебен оддел ЗВА при Германската агенција за вработување.
За сите оние кои го владеат германскиот јазик потребен е доказ од завршеното образование или обука. Признавањето на дипломата може да се побара преку посебни интернет сајтови.
Сите оние кои имаат место на одредено училиште или обука во некоја компанија, можат да добијат дозвола за престој која се издава на две години и може да се продолжува.
Тие кои имаат дозвола за престој заради образование, добиваат и работна дозвола за вработување кое може да се реализира максимално десет часа неделно. Ако лицето завршило образование и сака да најде постојана работа, исто така може да бара продлжување на дозволата за престој.
Ако некој добил конкретна понуда за работа, тогаш е многу полесно за добивање дозвола за престој. Сепак, мора да се докаже дека ќе добива плата доволна за издржување. Освен дозвола за престој, за поголемиот дел од работите потребна е посебна дозвола од Агенцијата за вработување.
За висококвалификуваните, за научниците, менаџерите и специјалните занимања тоа не важи. Оние кои имаат факултетска диплома не е потребна дозвола за работа, туку потврда дека тоа лице ќе заработува 48.400 евра бруто плата годишно. Во тој случај добиваат “сина карта ЕУ” која важи четири години. Под одредени околности, висококвалификуваните лица можат веднаш да добијат трајна дозвола за престој во Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.