Австралиската тенисерка Саманта Стосур изјави дека се уште не може да поверува дека Русинката Марија Шарапова е помилувана по допинг-скандалот кој силно одекна во март годинава. Шарапова ќе може да се врати на тениските терени во април вгодина, откако Судот во Лозана (ЦАС) ѝја намали казната заради допинг, за девет месеци.
Меѓународната тениска федерација (ИТФ) ѝ изрече двегодишна суспензија на Шарапова, односно до јанари 2018 година, заради користење на забранетата супстанца мелдониум, но жалбата на големата тениска ѕвезда беше делумно усвоена во Лозана и сега ќе мора да апстинира од тениските терени само 15 месеци.
-Не можам да верувам, не знам ни што да кажам. Не знам како некој може да се извлече со таков изговор (рече дека не знаела оти супстанцата е забранета), а потоа да му биде намалена казната. Неверојатно е да се извлечете со таков изговор. Тоа е лош пример за другите спортисти – можете едноставно да кренете рака и да кажете: „Не е моја грешка“, изјави Стосур.
Поранешната четврта тенисерка во светот и шампионка на САД Опен, верува дека Русинката нема убаво да помине кога ќе му се врати на тенисот.
-Разговарав со неколку колеги и сите имаат исто мислење. Имавме иста идеја на стартот, а сега имаме одлука. Не мислам дека има голема поддршка од играчите. Ќе биде интересно да се види каков пречек ќе има кога ќе му се врати на тенисот, заврши Австралијкaта.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.