| четврток, 6 декември 2018 |

Нова инвестиција: Грчката „Цераметал“ ќе инвестира во Битола, нови 600 вработувања

%d1%86%d0%b5%d1%80%d0%b0

Грчката компанија „Цераметал“ (Cerametal) од Коропи, Атина ќе инвестира во Република Македонија, ексклузивно дознава Лидер. Компанијата ќе вложи 12 милиони евра во Битола и ќе отвори 600 нови работни места.

Лидер дознава дека реализацијата на оваа инвестиција е веќе во напредна фаза. „Цераметал“ на јавен повик купила градежно неизградено земјиште во индустриската зона „Жабени“ со вкупна површина од 45 илјади квадратни метри.

Веќе се во тек подготовките за едукација на првите машински и електроинженери кои ќе бидат пратени на тримесечна обука во фабриката на компанијата во Атина, по што ќе почне циклусот вработувања.

Каков е профилот на грчката „Цераметал“?

Повеќе фактори биле клучни за влезот на „Цераметал“ (CeraMetal) во земјава. Од менаџментот на компанијата велат дека пресудни биле поволната бизнис клима и инфраструктурната поврзаност со матичната земја, ниските оперативни трошоци за работа, квалитетната и образована работна сила.

Се работи за компанија што е специјализирана за производство на метални производи и зајакнати метални конструкции, како и на материјали за заварување. Нејзините производи се наменети за енергетскиот сектор и за делот на градежни машини.

Грчката фирма е голем извозник, 40% од вкупното производство и завршуваат во Германија, па следуваат Шпанија, Канада, Чиле, Бразил, Турција, Русија, Индонезија, Јапонија и Тајван.

Компанијата веќе ги има изработено плановите за Македонија. Во првата фаза вложува 5 милиони евра, за потоа вкупната инвестиција да достигне 12 милиони. Бројот на вработени се проектира на 600.

Во почетокот ќе се стартува со производствен капацитет на површина од 5 илјади квадратни метри, а потоа се планира проширување до 23.700 квадратни метри.

Првата фаза ќе опфати 150 вработени во производството, а уште 30 ќе бидат вклучени во делот на дистрибуција, одржување, шпедиција, сè со финалната бројка од 600 вработени.

Македонија е во нов инвестициски циклус

За три дена, три нови странски инвестиции влегоа во нашата зема. Германската „СТС Текстајлс“ го потпиша договорот за проектот во Велес, „Костал“ и официјално го почна производствениот процес во Охрид, а како што најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, нова инвестиција влегува во Битола. Трите компании вкупно ќе отворат повеќе од 2.500 работни места.

-Ова е едно од нашите залагања, да се донесат нови компании што ќе отворат нови работни места во Македонија. Ова е процес што се одвива успешно и не е случајно што стапката на невработеност во изминативе десет години постојано се намалува, од 38% на 24% – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Костал“ го стартуваше производството во Охрид

Новите инвестиции веќе се операционализираат. Германската компанија „Костал“ и официјално го почна производствениот процес во охридско – струшкиот регион. За 10 години ќе вложи 30 милиони евра и ќе отвори околу илјада работни места.

Компанија е сместена во просториите на „ЕМО Охрид“, а потоа ќе се пресели во слободната економска зона во овој регион.

-Имаме одлична поддршка од Владата и од државните институции. Единствено преку ваква поддршка можеше за помалку од една година да почнеме со производство – рече претседателот на групацијата, Андреас Костал.

Со ова, „Костал“ го враќа Охрид на мапата познати индустриски градови, бидејќи компанија активно соработува со гиганти од рангот на „БМВ“, „Порше“, „Дајмлер“, „Форд“, „Ауди“.

Сепак, најважно е што се најде решение за голем борј вработени од „ЕМО“, уште еден гигант изеден од транзицијата.

-Во „Костал“ ќе бидат ангажирани дел од поранешните вработени во „ЕМО“, како еден од важните услови за инвестицијата на компанијата во овој регион – вели директорот на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Влезот на „Костал“ во Македонија е плод на четиригодишна макотрпна работа.

-Ова ќе значи сигурна егзистенција не само за луѓето во Охрид и охридско, туку и можност за вработување на жителите од Дебарца, Струга, Кичево. Носењето на нови инвестиции не е лесен процес, но ние нашите ветувања ги остваруваме. Дадениот збор за нас е обврска. Вака се бориме за Македонија, со нови работни места, наспроти деструктивноста од опозицијата, со поддршка и реформи за силна економија, со нови мерки и проекти за подобар стандард и напредок на државата – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски.

Германци и во Велес

Новиот инвестициски циклус го почна германската „СТС Текстајлс“, компанија што отвора илјада работни места во Велес. Ќе работи во објектот на поранешната фабрика „Нонча Камишева“.

-Веќе почнавме со вработување на лицата кои ќе работат во компанијата и останува нашето ветување дека ќе ги следиме плановите за инвестирање – изјави сопственикот на компанијата, Маркус Туч.

Новиот инвеститор, покрај „БРГ“ и „Маркард“, ќе игра голема улога во намалувањето на невработеноста во Велес.

-Илјада работни места ќе бидат сериозен допринос во намалувањето на невработеноста во Велес. Тоа се директни вработувања, а покрај директните ќе има и индиректни вработувања, што значи дека бројката од 1.000 ќе биде надмината и ќе им се даде можност и на други локални компании да бидат нивни партнери, што ќе овозможи дополнитлени работни места – вели Груевски.

Според последните податоци на Народна банка, во периодот јануари – јули во земјава се влезени над 171 милион евра странски капитал, што е за 12,2 милиона повеќе во однос на истиот период од минатата година

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top