Нови 1.000 работни места ќе бидат отворени со инвестицијата на германската компанија „СТС Текстајлс“ која ќе отвори фабрика за производство на технички и индустриски текстил во Велес.
Фабриката ќе биде сместена во просториите на поранешната фабрика „Нонча Камишева“ позната како поранешната „Свилара“. Во почетокот ќе бидат вработени 50 лица, а во следните пет години се планира да бидат ангажирани до 1.000 лица. Првичната инвестиција се проценува на околу 4 милиони евра, а во следните пет години ќе бидат инвестирани до седум милиони евра. Сопственикот на „СТС Текстајл“ планира со производство во Македонија да започне веќе за една до две недели, а целокупното производство ќе биде извезувано во Германија, Франција, Италија и Полска.
Договорот за инвестирање беше потпишан денеска во Скопје. На потпишувањето присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот без ресор за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф, кои директно беа вклучени во преговорите, сопственикот на германската компанија Маркус Туч, како и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.
Претходно на Фејсбук Груевски ја поздрави новата инвестиција во Велес.
-Добра вест за Велес, но и за сите населени места во близината на Велес и одлична вест за македонската економија. Денес е потпишувањето на договорот за инвестирање, а многу брзо потоа и конкретна реализација на инвестицијата на германската компанија STS Textiles која треба, по комплетирањето на својот бизнис план, да вработи 1000 луѓе, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.
– Тоа се 1000 семејства кои ќе најдат сигурна егзистенција и место за работа. Ова ќе биде браунфилд инвестиција, односно капацитетите на компанијата ќе бидат сместени во поранешната фабрика Нонча Камишева, или позната како поранешната Свилара во Велес, која како и многу други беше уништена во болната транзиција од која без работа останаа илјадници граѓани. Денес ние успеваме пропаднатите капацитети да претвораме во успешна приказна. Свиларата во Велес ќе биде успешна фабрика во која ќе биде сместена германската STS Textiles која ке извезува производи од индустриски текстил за автомобилската и техничка индустрија во земји како Германија, Полска, Италија и Франција. Се работи за компанија која беше прогласена Топ 100-те иновативни компании во Германија. Првиот контакт беше направен пред околу една година од страна на Климент Шекеровски, а од самиот почеток во разговорите беше вклучен и Владимир Пешевски и Џери Наумоф. На состаноците во владата, уште пред една година тие силно се бореа и успеаа да го убедат инвеститорот во конкуренција од повеќе држави, место за својата идна инвестиција да ја одберат Македонија, што е уште една потврда за добрата бизнис клима која се создава. Ние силно ќе продолжиме да работиме за стабилизација и напредок во економијата и отворање на нови работни места. И покрај сите предизвици и наметнатата политичка криза, напредокот на граѓаните останува нашиот најсилен фокус. Тоа е разликата помеѓу нас и нашите политички конкуренти. Тоа граѓаните многу добро го гледаат и ја прават разликата помеѓу нас кои работиме, носиме инвестиции, реализираме илјадници проекти, покажавме дека имаме програма и држиме до неа и оние од опозицијата кои прават деструкции и конфликтност и внесуваат несигурност. Нашата борба за секое отворено работно место продолжува, напиша Груевски.
Инаку вчера, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така на својот Фејсбук профил најави три нови инвестиции кои ќе отворат вкупно 2500 нови вработувања.
– Одлична вест! Наскоро три инвестиции во три различни градови, Битола, Велес, Охрид и над 2500 нови работни места, напиша Груевски на Фејсбук
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Турската „Чагатај Кабло“ во Бунарџик ќе произведува кабли за автобусите на „Ван Хол“
-
Отворен нов погон во зоната кај Алинци, инвестиција вредна 1,2 милиона евра
-
Груевски: Денес почнува со работа компанијата „Акомпласт“, инвестиција која ќе креира 300 нови работни места
-
Груевски: ОДВ Електрик го стартува новиот објект во зоната Охрид- Струга, инвестиција на која долго работевме