| четврток, 6 декември 2018 |

Чадиев: Пет причини младите да не го напуштат Велес – работа, спорт, култура, забава, среден град

Со сигурни чекори Велес граби да им обезбеди на своите граѓани причина повеќе да останат во градот. Локалната самоуправа го препознава економскиот развој како клуч за повисок стандард на граѓаните и за поголема економска стабилност, а инфраструктурните проекти што ги реализира со финансиска поддршка на европските фондови се решение на реалните проблеми на велешани. Велешката пита, театарската уметност, спортските успеси на велешките легенди се поттик за локалната самоуправа на чело со градоначалникот Славчо Чадиев да продолжат кон зацртаната цел – Велес град за почит, град за младите

Велес полека, но сигурно почнува да закрепнува и да се развива економски. Во кој правец се движат вашите стратегии за економски развој на општината?
ЧАДИЕВ: Локалната самоуправа, во соработка со Владата на Република Македонија, во изминатиот период со конкретни мерки и активности покажа дека економскиот развој на Велес е приоритет во работењето. Повеќе од јасно е дека тоа е клучот за повисокиот стандард на нашите сограѓани и поголема економска стабилност. Во рамките на заложбите за економски раст на Велес, од огромна важност е изградбата на фабриката „Маркарт”, каде што веќе се вработени повеќе од 200 вработени, а вкупната бројка во иднина ќе достигне околу 600 вработувања. Исто така, од големо значење е почнатата инвестиција во поранешната фабрика „Порцеланка”, каде што би се вработиле 1.000 наши сограѓани. Во овој правец се и нашите континуирани напори за изградба и проширување на индустриските зони. Изминатиот период ја оформивме и ја уредивме индустриската зона „Караслари”, каде што веќе се изградени неколку капацитети. Особено сум горд што започнавме да ја спроведуваме и постапката за создавање нова во близина на селото Мамутчево. Планската документација e веќе комплетирана. Зоната е предвидено да се протега на површина од 43 хектари. Индустриската зона ќе биде поделена во три парцели, а, според плановите, просторот ќе биде наменет за изградба на поголеми производствени капацитети. Инаку, според дејноста, во индустриската зона „Mамутчево” се планира да работат компании од лесна и незагадувачка индустрија. Изминатите години ја проширивме и индустриската зона „Речани 2”, каде што веќе се градат и нови индустриски капацитети. Цврсто сум уверен дека сите овие напори ќе го стават на стабилни нозе стопанството и ќе отворат простор за вработување млад квалификуван кадар. Со тоа ќе ги задржиме нашите деца тука, во својот роден град, и ќе го зголемиме стандардот на живот на граѓаните.
Велес има специфична релјефна структура, но тоа не ве спречува да работите и да ги уредувате просторот и инфраструктурата таму каде што има можност и потреба. Какви градежни активности се случуваат овој период во вашиот град?

ЧАДИЕВ: Изградбата на инфраструктурата е најголемото поле за работа. Затоа и нашите напори се континуирани и насочени кон инфраструктурни зафати што трајно ќе ги решат проблемите во Велес. Не ги забораваме ниту потребите на населените места, водоснабдувањето и канализациските системи, изградбата на тротоари и уредувањето на прометните површини. Оваа година реализиравме голем број проекти и градежни зафати. Неодамна го завршивме еден од поголемите паркинг-простори, кој се наоѓа зад гимназијата. Просторот е проектиран за паркирање на 54 возила, а со тоа се очекува да се намали метежот во градското подрачје. Со пуштањето во употреба и на овој паркинг-простор, Општината вкупно има направено паркинг-простори за повеќе од 500 автомобили. Овој месец почнавме и со реконструкција на водоводните линии низ повеќе улици од градот. За таа цел градежни работи ќе се одвиваат на улиците „Рилски конгрес” (поранешна „Игманска”), „Гемиџиска”, „Партение Зографски”, „Киро Ќучук”, „Мицко Козар”, „Васил Главинов” и „Благој Ѓорев”. Целиот проект се финансира со средства обезбедени преку Европската инвестициска банка. Исто така, оваа година изградивме и уредивме повеќе од 20 улици на територијата на целата општина. Заедно со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој градиме водовод до населбата Трпезица и до селата Чалошево и Дурутoвец, ги уредивме улиците во с. Иванковци, а поставивме и нова урбана опрема на патеките на Велешкото Езеро „Младост”. Зад нас се уште многу други проекти кои ќе бидат објавени во отчетот на крајот на годината, кој со задоволство го промовираме помеѓу нашите сограѓани. Сѐ што правиме денес е темел на Велес за утрешнината. И затоа нашиот фокус е развојната компонента во сите области. Токму затоа училиштата и спортските капацитети се реновираат, се градат нови, училиштата и нивните ученици реализираат меѓународни проекти со кои се гордееме. Она што го работиме се гледа и се слуша не само од медиумите, туку и од разговорите со граѓаните. Тоа само нѐ охрабрува да го задржиме темпото на работа и да докажеме дека не се работи за еуфорија, туку за остварување на дадениот збор, за чесен и одговорен пристап.

Со средства од ЕУ беа реконструирани велешките градинки, односно фасадите беа заменети со енергетски ефикасни. Како го оценувате спроведувањето на овој проект, кој треба да биде потврда за капацитетот на општинската администрација да реализира европски проекти?

ЧАДИЕВ: Изминатата недела во присуство на евроамбасадорот Самуел Жбогар и со пригодна програма беше означен крајот на градежните работи во пет од шесте клона на детската градинка ОЈУ „Димче Мирчев“. Проектот, кој се однесуваше на инсталација на термоизолациска фасада на пет од шесте клона на детската градинка, беше финансиран од Европската унија преку прекуграничната програма на ИПА помеѓу Република Македонија и Република Грција. Реконструкцијата на фасадите и инсталацијата на термоизолациската фасада значи и заштеда на финансиски средства, средства кои во иднина можат да се искористат за подобрување на објектите од други аспекти, како и подобрување на условите за престој на дечињата во градинката. Со мерките за енергетска ефикасност што ги спроведуваме на локално ниво градиме систем на континуирано подобрување на енергетската ефикасност и обезбедуваме заштеда на топлинската енергија. Со тоа обезбедуваме средства кои можат да бидат искористени за други активности и истовремено придонесуваме за заштита на животната средина. Благодарение на заштедите на средствата од проектот, предвидено е во наредниот период да се реализира и инсталација на термоизолациска фасада и на последниот, шести клон од детската градинка, односно клонот 1 кој се наоѓа во населба Дворови. Општина Велес аплицираше и на последниот повик на ИПА за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција и се надеваме повторно да добиеме средства со кои ќе можеме да спроведеме и други проекти што им се потребни на граѓаните.

Изминатите години Велес доби многу нови зелени површини. Граѓаните го прифатија тоа со големо задоволство. Дали продолжувате со истиот интензитет на работа во овој сегмент?

ЧАДИЕВ: Да, во изминатиот период на граѓаните им подаривме неколку нови паркови, површини за кои сум особено горд и задоволен од нивниот денешен изглед и посетеност. Паркот пред училиштето „Васил Главинов” e едно од најдоброуредените места, каде што граѓаните го поминуваат своето слободно време и се релаксираат од секојдневните обврски. Исто така, морам да ги истакнам и „Паркот на пријателството“ во близина на Ликовниот салон, кој го уредивме заедно со нашите збратимени општини од Турција, и локацијата што ја уредивме на просторот на поранешниот Офицерски дом. Се работеше и во Младинскиот парк, паркот пред гимназијата „Кочо Рацин“ и на неколку други локации. Овој период привршуваат активностите на ЈКП „Дервен” за уредување на зелената површина непосредно до зградата на Здравствениот дом. За таа цел неодамна беа засадени 10 листопадни дрвја и 27 зимзелени дрвја. Во тек е сеењето на тревата и садењето ниски грмушки, а во следниот период ќе биде насаден и цветен расад. На целата површина веќе е поставен и систем за наводнување и жардиниери за уредување на косините. Инаку, активностите за уредување на оваа локација беа предвидени во програмата за подигнување нови зелени површини за 2016 година, која е усвоена на седница на Советот на општина Велес. Со несмален интензитет ќе продолжиме и во периодот што следува, сѐ со единствена цел за разубавување на секој можен дел од градот во кој живееме.

Во октомври Велес, традиционално, е домаќин на манифестацијата „Велешка питијада”. Какви се плановите за оваа година? Ќе имаат ли можност граѓаните од целата земја да уживаат во добра забава?

ЧАДИЕВ: Природно е кога ќе се спомне Велес да ви се создаде асоцијација на пита, пастрмалија и црвено вино. Во чест на питите и виното, во Велес по тринаесетти пат се одржува фестивал на питите и виното „Велешка питијада 2016 година“. Питата мириса на дом, има моќ да ве зближи и да создаде пријатна, топла атмосфера, буди спомени на минатото, традицијата и историјата, се поврзува со наследството. Велешани се горди на питите и не постои велешко семејство, без оглед на кој дел од Земјината топка се наоѓа, без оглед на возраста, што не знае да подготви пастрмалија и што не ја јаде со уживање. Тоа е и вистинската причина што овој специјалитет се одржува со векови. Терминот на одржување на овогодишната манифестација е 7, 8 и 9 октомври. И оваа година на истата локација, на просторот пред кафетериите, на улица „Благој Ѓорев“. Три дена угостителите неуморно ќе работат за да ги пречекаат сите гости што ќе го посетат Велес. Покрај пита и вино, ќе ги почестиме и со одлична музичка програма. Во овој дел – првата вечер, на 7 октомври (петок), од 18 часот ќе настапат групата „Виртус“, Елена Велеска, Јордан Митев, групата „Маестро“, „Љубојна“ и популарната македонска пејачка Каролина Гочева. Втората вечер, на 8 октомври (сабота) во вечерните часови ќе настапат Антонија Гигоска, Мики Секуловски, Наташа Малинкова, Дани Димитровска и „Тропико бенд“, а вечерта ќе ја заокружи настапот на еден од најпознатите балкански музички изведувачи Жељко Јоксимовиќ. На 9 октомври (недела) бината е резервирана за „Ајкју“, „Нокаут“, ДНК и за популарните „Ван Гог“, чијшто настап и официјално ќе ја заокружи годинешната манифестација. Од големо значење е и соработката со бизнис-секторот во Велес кој се вклучи и ја помогна организацијата на „Питијадата“. Исто така, свој придонес имаат медиумите и јавните гласила кои помагаат веста за претстојниот настан да допре до секој човек. Ги покануваме сите граѓани од Република Македонија да ја посетат манифестацијата и преку негувањето на традицијата да помогнат во зачувувањето на брендот на Велес.

Заврши Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2016”. Како ја оценувате реализацијата на оваа престижна меѓународна манифестација?

ЧАДИЕВ: Зад нас беше едно необично, едно поинакво издание на 15. Фестивал на античка драма. Фестивал што направи спој на ова современо, модерно здание со античките текстови. Фестивал што ја сочува иста и чиста мислата на авторите и ја изнесе пред нас на автентичен јазик со говорот на телото, со танц и со песна, со звуците на природата и јазикот на кој исто плачат и се смеат сите народи на светот. Видовме нови презентации на познати текстови, но и нови, за нас неоткриени уметнички остварувања. Имавме можност да проследиме перформанси на 9 театарски ансамбли, од кои 3 беа странски, и тоа од Бугарија, Казахстан и од Србија. Јас сум особено горд бидејќи преку Фестивалот на античка драма „Стоби“ посветеноста на театарот ја раширивме преку границите на нашата Македонија и го донесовме креативниот свет овде. Во овие 15 години, љубителите на театарот од сите меридијани уживаа во незаборавните изведби на античките комедии и трагедии.

Велес во минатото важел за расадник на спортски таленти и град од каде што доаѓаат најтрофејните спортски клубови. Се враќаат ли Велес и неговите спортисти на врвот на спортската мапа?

ЧАДИЕВ: Точно, Велес полека, но сигурно се враќа на врвот на сите спортски натпреварувања. Во изминатите години докажавме дека напорите во овој правец ни се приоритет. Застанавме зад градскиот ракометен клуб „Борец” и заедно со играчите и со управата успеавме клубот не само да се врати во Суперлигата туку и успешно да опстои во неа. Нашата првична цел е остварена. Ракометниот клуб е сѐ постабилен, а истовремено е зајакнат со нови и квалитетни имиња. Ќе настојуваме до крајот на сезоната да се пласираме во повисоките места од ракометната табела. Исто така, покрај создавањето на градскиот ракометен клуб, се оформи и одбојкарски клуб кој ќе го претставува Велес на сите натпреварувања. ГОК „Борец” успешно се екипира во напорите за градење цврст одбојкарски клуб. Со засилени активности во тренинзи и натпреварувања, велешките одбојкари продолжуваат во претстојната сезона. Целта е прво да се застане на здрави нозе, а потоа клубот да продолжи со своите успеси и победи. Велешкиот клуб во мал фудбал, кој е со ново раководство, успешно ја стартуваше натпреварувачката сезона. Првиот противник беше декласиран. Инаку, зад управниот одбор и финансирањето на клубот од ова лето застана Васко Скендеровски со својот менаџерски тим. Тренер на клубот е поранешниот тренер на Железарец, Иван Божовиќ. Целта е оваа година клубот во мал фудбал „Велес” да биде првак на Македонија, а воедно да игра во Лига на шампиони. Општина Велес и јас како градоначалник ќе ги ставиме на располагање сите капацитети со кои се располага во интерес на развојот на малиот фудбал и воопшто на секој спорт. Но, она што ме радува последниот период е тоа што фудбалскиот клуб „Гемиџии” oд Велес доби нов сопственик. Бизнисменот Кочо Анѓушев го презеде работењето на клубот и од оваа сезона тој е негов спонзор. Искрено се надевам дека со овој чекор во следниот период Велес полека, но сигурно ќе се врати на фудбалската мапа, односно за неколку години во нашиот град да гледаме прволигашки фудбал. Со господинот Анѓушев имаме одлична соработка. Разговараме и за некои други поединости околу целокупната организација на овој проект, поточно во делот на можностите со кои локалната самоуправа може да помогне за развој на фудбалот. Инаку, финансирањето на овој клуб ќе биде исклучиво од средства на фирмите со кои управува и има сопственост бизнисменот Анѓушев. Финансирањето е веќе обезбедено за оваа година. Според најавите, останува обврската во следните пет години финансирањето да биде стабилно и работењето на клубот да биде колку што е можно попрофесионално. Тренер на екипата ќе биде докажаниот фудбалер и спортски работник Пане Блажевски, а во клубот, покрај истакнати и искусни велешки фудбалери, ќе има и неколку нови имиња од македонскиот фудбал. Морам да кажам дека не се само фудбалот, ракометот и одбојката поддржани од локалната самоуправа како спортови. Нашата поддршка и стимул се однесуваат на секој клуб и спортист, од кој било колективен или поединечен спорт, во напорите за развој на спортот и промоција на општина Велес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top