Катица Јанева без срам и перде призна дека Едмонд Темелко бил противправно лишен од слобода на нејзино барање. Според неа, тоа не било ништо страшно затоа што било „само еден и пол час“. Во исто време, мошне лукаво, не пропушти можност да се огради од одговорност, а вината да ја префрли на МВР, односно на генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски, кој во тоа време ја вршеше функцијата технички министер за внатрешни работи. Еден ден, многу скоро, Спасовски ќе мора да одговори пред судот дали тој нареди киднапирање на Темелко на барање на Јанева или некој друг?
Катица Јанева во истото интервју јасно и гласно признава дека основната цел за која е формирана институцијата што ја претставува е да открие кој и зошто прислушувал. Конечно! Сепак, не се притеснува да каже и дека сѐ уште е многу далеку од тоа да даде одговор на ова прашање. Фактички, сѐ што досега направила во овој случај е ослободување на Верушевски од притвор (барањето го поднесе без воопшто да се запознае со случајот). Значи, по една година работа Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано со политички договор за да се стави крај на кризата, а со цел да ги расчисти дилемите околу прислушувањето, признава дека не си ја исполнило обврската иако имаше готов предмет за процесирање, со еден куп сериозни докази.
Влегувајќи од грешка во грешка, место решение, Катица станува повод за продолжување на кризата. Два месеца до избори, кога конечни власта и опозицијата заедно со дипломатите писмено потврдија дека се исполнети сите услови за предвремени парламентарни избори, Јанева инсистира на нови законски измени и на нови рокови за оправдување на сопствената некадарност. За потсетување, лани, кога ја презеде функцијата, таа рече дека е свесна за предизвикот и дека е способна да испорача резултати во предвидените рокови. Дури се дрзна да избрка од тимот две обвинителки со образложение дека биле вишок, односно дека Обвинителството можело квалитетно да ја заврши работата и без нив. Лоша процена или евтини лаги?
Дали специјалната обвинителка нема поим од обвинителската работа (и покрај тоа што таа за себе вели дека имала одлични оценки за работата од колегите) и нема капацитет да одговори на предизвикот или, пак, свесно ги злоупотребува довербата и народните пари извршувајќи политичка агенда на обвинетиот кого, всушност, треба да го гони во „Пуч“. А, можеби и двете.
Уште позагрижувачко е тоа што на сите овие нејзини недопустливи грешки дипломатите, гарантите на Договорот од Пржино, се прават глуви и слепи загрозувајќи го процесот кој треба да доведе со смирување на кризата. Пред три месеци, при посетата на Македонија, Викторија Нуланд побара една и единствена работа: брз договор со кој ќе се обезбедат услови за брзи избори, на кои ќе се појави и опозицијата. Тогаш, иако имав дилема дали оптимизмот на Нуланд за избори наесен е реален, сосема бев сигурен дека појавувањето на Заев пред народот и наесен и во март в година ќе биде вистинска катастрофа за опозицијата. Тоа го покажуваа(т) сите мерења на јавното мислење, а со тоа се запознаени и партиите и меѓународниот фактор.
Во мојата колумна од 19 јули ги поставив следниве дилеми: „Зошто Заев бара избори за кои е свесен дека ќе ги загуби кога и да се случат? Што е променето од пред еден месец (јуни), освен што не е дел од власта? Каде преку ноќ исчезнаа 500.000 фантомски гласачи и дали по новиот политички договор медиумите ќе бидат „ослободени од режимот“?“
По посетата на Нуланд стана јасно дека избори бара меѓународниот фактор, а не Заев, па од тие причини предупредив:
„Јавноста треба да има предвид дека – дури и да се постигне некаков нов договор, судејќи според претходното искуство, Заев и СДСМ ќе направат сѐ за да спречат одржување фер и демократски избори и за тоа повторно ќе ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ. За време на преговорите ќе направат, дури и ќе ветат, сѐ за повторно да влезат во некаков вид техничка влада, но прашање на време е кога повторно ќе се повлечат од договореното и ќе почнат да го оспоруваат одржувањето на изборите.
Првата опција е тоа да го направат пред почетокот на изборната кампања, а втората е да решат да излезат на избори, но на денот на гласањето да предизвикаат инциденти, со што би ги дискредитирале изборните резултати.
И во двата случаја целта на опозицијата е да се продолжи векот на техничката влада по секоја цена, а со тоа и СДСМ на власт. Со тоа кризата ќе се одложува до недоглед, а на Катица ќе ѝ се даде дополнително време за да ја спроведува инквизицијата. Платениците ќе можат да се надеваат на нови хонорари, а криминалците да уживаат во безвластието и во благодатите на „револуцијата“.
Оттука, слободно може да се заклучи дека третиот обид за предвремени избори пред почетокот на зимата може да успее само ако меѓународниот фактор е искрено заинтересиран да се стави крај на кризата и ако го убеди Заев дека нема друг избор освен да се соочи со реалноста.“
Заев и неговите соработници и советници се книга која многу лесно се чита. Нивните очајни потези се многу очигледни и лесно предвидливи дури и за тие што не се директни учесници во политичките преговори и договори. На тоа што ќе треба да се обрне внимание е дали ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните ќе дозволат по третпат да бидат измамени и ќе дозволат кризата целосно да ја уништи државата, односно дали меѓународната заедница овој пат цврсто ќе остане на зборот и искрено ќе помогне да излеземе од ќор-сокакот. Заклучоци по овие прашања нема да можеме да донесеме можеби и до самиот крај на годинава, дури и да се случат изборите на 11 декември.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.