| четврток, 6 декември 2018 |

Прогласени победниците за најдобра училишна веб-страница за учебната 2015/2016

Победници на државниот натпревар за избор на најдобра веб-страница за учебната 2015/2016 година во категорија на основни училишта е „Малина Попиванова“ од Кочани, а во категорија на средни училишта е „Здравко Цветковски“ од Скопје.

Заменикот-министер за образование и наука Спиро Ристовски на денешното прогласување на победниците посочи дека натпреварот се организира втора година по ред и има за цел поддршка, стимулација и развој на информатичко- комуникациските вештини кај учениците, подигнување на нивната креативност, иноватиност и натпреварувачки дух.

– На победничките училишта им честитам на постигнатиот успех и освоените први места, за што ќе бидат наградени и ќе добијат интерактивна табла за потребите на училиштата. На сите училишта кои активно се вклучија во натпреварот и придонесоа за подигнување на квалитетот и конкурентноста им се заблагодарувам за учеството и посакувам натпреварувачкиот дух никогаш да не ги напушти, затоа што само упорноста и трудот може да донесат позитивни резултати, изјави Ристовски.

Посочи дека оваа стимулативна мерка ќе продолжи и во новата учебна 2016/2017 и дека јавниот повик е веќе објавен на веб страницата на Министерството и ќе биде отворен до 31 мај 2017 година.

– Ценам дека натпреварот за најдобра училишна веб страница е одлична прилика да се детектираат талентираните ученици во областа на програмирањето и веб дизајнот, да им се помогне во насочувањето при натамошно образование и секако да се посочи пример кој би требало да го следат и останатите ученици, имајќи предвид дека се работи за сфера која е дефицитарна со кадар и која обезбедува голема веројатност за брз, личен и професионален напредок, рече Ристовски.

На натпреварот, продолжи Ристовски, можност за учество имаа тимови на ученици од основни и средни училишта предводени од најмалку еден наставник ментор, кои за своето училиште изработиле веб страница без притоа да користат готов урнек.

На јавниот повик за учество пристигнале 19 апликации, од кои 9 од основни и 8 од средни училишта, додека две апликации не се разгледани поради непотполност. При изборот предвид се земени дизајнот, оригиналноста, содржината, навигацијата и функционалноста на училишните веб страници.

Изборот е извршен од надлежна комисија за селекција и рангирање, составена од претставници на министерствата за образование и наука и информатичко општество и администрација, од Бирото за развој на образованието и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

Во категорија основни училишта во потесен круг влегоа основните училишта „Ванчо Прке“ од Штип, „Малина Попиванова“ од Кочани и „Св. Климент Охридски“ од Охрид, додека во категорија на средни училишта „Здравко Цветковски“ од Скопје, „Кирил и Методиј“ од Неготино и „Михајло Пупин“ од Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top