Петмина македонски државјани се протерани од Италија поради величање на т.н. Исламска држава. Нашинците, кои со години живееле во близина на Трст, редовно го критикувале тамошниот имам дека е премногу „мек“ и „прозападно ориентиран“, но, покрај тоа, биле во контакт со верски лица од Балканот, преку кои барале борци во Сирија и во Ирак, пренесува „Сител“.
Од македонското МВР велат дека синоќа после полноќ на скопскиот аеродром „Александар Велики“ пристигнале пет лица, кои биле депортирани од Италија. По извршениот разговор се пуштени дома. Неофицијално, тие не биле предмет на обработка на службите, па поради тоа е проценето дека се безопасни.
Случајот со петтемина поранешни жители на струшкото село Октиси, вчера беше топ-тема во италијанските медиуми, додека Министерот за внатрешни работи во Владата во Рим на прес-конференција соопшти детали за акцијата.
„Тие се депортирани поради загрозување на националната безбедност. Протерувањето е резултат на долга и сложена истрага на фејсбук-профил, на кој биле постирани голем број видеоснимки и документи за поддршка на терористичката организација“, соопшти министерот Анџелино Алфано.
Како сопственик на профилот е евидентиран 28-годишен македонски државјанин, додека како најактивни членови на групата се споменуваат двајца браќа на возраст од 28 и 31 година, нивниот 52-годишен татко и сопругата на постариот брат.
„Станува збор за фанатични следбеници на самопрогласениот Калифат и ги поддржувале терористичките напади во Европа и активностите на ИСИС во Сирија“, нагласи Алфано.
Италијанските весници пишуваат дека петтемина нашинци постојано го критикувале локалниот имам и верниците дека не се доволно активни, односно дека се на иста линија со прозападните сили. Тие со години биле во редовен контакт со нивни истомисленици на Балканот, а најчесто со имам од Босна и Херцеговина, кој загина пред две години. Им ги переле мозоците на младите муслимани, а барале и жртви за регрутирање во воените подрачја. Биле вработени во градежна фирма.
Обвинителството најпрво побарало извинување од радикалистите, но судот одлучил оти тоа не е адекватна мерка за стореното дело, поради што нареди протерување од земјата.
„Нашата превентивна работа е од голема важност во борбата против тероризмот. Сметаме дека и оваа акција ќе придонесе за степенот на безбедност, иако ниту една земја не може денеска да каже дека не постои ризик од напади“, заклучи италијанскиот министер за внатрешни работи.
Во последните дваесетина месеци, Италија протера вкупно 121 исламски екстремист како дел од стратегијата за превенција, меѓу кои и 12 имами.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Демографска катастрофа ѝ се заканува на Италија, стана втора најстара држава во светот