Американската издавачка куќа од Сан Франциско „Two Lines“ го објави романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска во превод на англиски на Кристина Е. Крамер.
По тој повод издавачот заедно со Центарот за уметноста на преводот од Сан Франциско од утре до 21 октомври организира книжевна турнеја на која Димковска преку читања и разговори во најпознатите американски книжарници ќе го претстави својот роман пред американската публика во девет градови: Њујорк, Балтимор, Ешвил, Ајова, Чикаго, Сиетл, Сан Франциско, Окланд и Лос Анџелес, а ќе учествува и на книжевниот фестивал „Градови-близнаци“ во Минеаполис и Сен Паул.
Издавачот потенцира дека Димковска која е во САД веќе позната како неверојатно талентиран поет со две поетски книги на англиски јазик, сега се претставува и како врвен романсиер. Њујоршкиот неделник „Паблишерс викли“ го нарече „Резервен живот“ „калеидоскопски роман со големо срце“. Американските списанија за книжевност „Чикаго Ривју“ и „Тин Хаус“ екслузивно објавија извадоци од романот пред да излезе.
Наскоро во „Светската литература денес“ ќе излезе и големо интервју со Димковска во врска со објавувањето на нејзиниот роман „Резервен живот“ на англиски како и неколку нејзини песни од поетската збирка „Црно на бело“.
„Резервен живот“ ја доби Европската награда за литература во 2013 година и досега имаше три изданија на македонски јазик (Или-Или, Скопје). Преведен е и се уште се преведува на повеќе светски јазици
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.