Во Гдањск, Полска, од 17 до 20 март, по четврти пат ќе се одржи биеналниот меѓународен поетски фестивал „Европски поет на слободата“ во чии рамки ќе се додели и истоимената награда за поезија што ја доделуваат градот Гдањск и Гдањскиот инстутут за култура.
Годинава се номинирани седуммина европски поети меѓу кои, покрај Јахја Хасан од Данска, Даниел Јонас од Португлија, Сергеј Стратановски од Русија, Ана Бландијана од Романија, Анико Полгар од Унгарија и Вани Бјанкони од Швајцарија е номинирана и Лидија Димковска од Македонија.
Поетски книги од сите номинирани автори на полски јазик ги објави издавачката куќа Слово/Слика/Територија. Лидија Димковска е номинирана со нејзината поетска збирка „pH неутрална за животот и смртта“ заедно со преведувачката на книгата на полски Данута Ќирлиќ Страшинска која го преведе и нејзиниот роман „Скриена камера“. Полската критика ја окарактеризира поезијата на Димковска како силна, често радикална, доследна на својата арс поетика која на актуелните прашања на нашето време им нуди соодветна поетска форма.
На фестивалот покрај номинираните поети, ќе учествуваат и помлади поети од поетската мрежа Версополис меѓу кои и македонскиот поет Ѓоко Здравески. Номинираните поети по завршувањето на фестивалот во Гдањск на кои ќе учествуваат на повеќе читања и дебати, ќе читаат свои стихови и на заедничко читање во Варшава по повод 21 март, Светскиот ден на поезијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.