| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски најави мерки против загадувањето: Субвенции за електрични автомобили

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска пред јавноста презентираше пакет мерки за заштита на животната средина, кои ќе придонесат за поволност, стимулација и за заштита на домашниот буџет.

Како дел од мерките Груевски ја најави мерката субвенционирање за набавка на електрични автомобили.

Оваа мерка е во насока за заштита на животната средина од штетните емисии од бензинските и дизел-мотори, но и од бучавата. Возилата на електричен погон имаат нула проценти загадување. Енергентот на овие возила е електрична енергија. Тие возила можат да се полнат со различни полначи – брзи и побавни, за време од 15 минути до 4 часа. Полнењето може да се прави и дома на обичен трифазен штекер за време од 8 часа, посочи Груевски при промоција на пакет-мерките.

– Европа нуди различни стимулации за користење. Наша цел е следње на трендот за користење на овие возила. Електричниот автомобил може да вози до 300-400 км, a од година во година се повеќе подобруваат овие перформанси, како на времетраењето на батериите, така и на полначите и самите автомобили. Полнењето не бара голем трошок за струја, а автомобилите се побрзи и помалку се расипуваат- рече Груевски.

ekovoziloОваа мерка опфаќа повеќе мерки за поттикнување на купувањето на електрични автомобили, кои би почнале со реализација од 2017 година:

Увозот на електрични автомобили е со нула денари царина и нема да имаат акциза. При купување на нови електрични автомобили, тие ќе имаат повластена стапка од пет проценти, место 18 проценти ДДВ, со што директно се влијае за намалена цена од 20 проценти во старт.

Владата ќе дава субвенција за електрично возило од 3.500 евра за возило вредно до 20.000 евра, како и 5.000 за автомобил повреден од 25.000 евра. Мерките важат и за физички, но и за правни лица што ќе купат до 5 возила.

Сите електрични автомобили ќе бидат ослободени од патарини на сите места за 10 години, односно до 2027 година.

Годишната регистрација на овие возила ќе биде бесплатна во следните 10 години. Се планира да има поинаква регистарска табличка за да може да бидат препознатливи при користењето на поволностите.

За електричните автомобили предвиден е бесплатен паркинг на секој јавен, државен паркинг во 10 години, а во сите подземни и катни гаражи обележани места само за електричните автомобили. На овие паркинзи, како и на оние дадени под концесија предвидено е да се постават бавни полначи во износ од пет проценти од паркинг-местата, а тие места да бидат најатрактитвните. Предвидени се и набавка на два брзи полначи, а ќе се наплаќа според тарифа од Регулаторната комисија , за да не дојде до злоупотреба.

grujoСпоред мерките кои денеска ги презентираше Груевски, се предвидува вакви полначи за електрични возила да се постават и во други градови, а во иднина приклучоци да се постават и при изградба на нови станбени објекти. Предвидено е полначи да бида поставувани и кај хотели и гаражни места.

Мерките предвидуваат етапно покривање на патната мрежа низ Македонија, автопатиштата, магистралните и регионалните патишта, со полначи за електрични автомобили на бензинските пумпи на сите патни правци. Планирана е и апликација за мобилен телефон на кој ќе биде прикажана нивната локација.

Електричните автомобили ќе имаат приоритет да возат и на приоритетно место, во линиите каде се планирани да се движат автобусите и такси- возилата.

 

elektrobus

Градот Скопје, односно ЈСП ќе почне со набавка на електрични автобуси.

-Во план е до 2030 година тие да претставуваат над 50 проценти од сите автобуси во градот. Градот Скопје и градоначалникот Трајановски веќе ги почнаа иницијалните разговори за нови 50 електрични автобуси. 20 големи со 150 места за седење и 30 минибуси. Планирана е повеќегодишна набавка за кои средства се планираат по половина од градот Скопје и половина од Владата. Со 20-те електроавтобуси ќе се постигне истиот еколошки ефект како изградба на транвај во СКопје. Тој не се реализира заради високата цена која ја побараа сите изведувачи- посочи Груевски, кој додаде дека набавката на 20 автобуси нема да значи само истиот еколошки ефект туку ќе се избегне раскопување на градот и дополнителни пари за поставување на шинска мрежа.

20 автобуси ќе се обраќаат на истата линија предвидена за транвајот. Овие еколошки автобуси ќ бидат со највисоки стандарди, а ЈСП ќе нема трошоци за гориво. Ваква понуда за набавка на автобуси ќе има и за другите градови каде што функционира јавен превоз.

Бидејќи освен автобуси, такси- возилата се најчести во сообраќајот, со овие еколошки мерки за стимулација на електрични возила, предвидени се стимулации за такси со електрични возила. Тие компании ќе бидат ослободени од сите давачки кон градот, а ќе може да искористат грант од 5.000 евра за секој набавен автомобил. За нив исто така ќе важат поволностите од бесплатен паркинг следни 10 години, а бидејќи горивото е најголем трошок за нив, тие ќе можат бесплатно да полнат 10 години.

Мерките за зачувување на животната средина кои ги презентираше Груевски денеска предвидуваат набавка на електрично возило за секое јавно претпријатие, доколку годишно за свои потреби набави над 3 патнички возила, ќе има обврска половина од нив да се електрични.

За сите мерки, како што најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ при презентација на овие мерки, ќе има јавна расправа во следните неколку недели, со цел подобрување на проектот.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top