| четврток, 6 декември 2018 |

Ново училиште во Кисела Вода (ГАЛЕРИЈА)

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го посети новоизградениот објект на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“, во општина Кисела Вода.

Станува збор за целосно нов објект од 2.200 метри квадратни, со 15 училници и пет кабинети и капацитет од 600 ученици. Инвестиција од над 80 милиони денари.

133358457

– Објектот на ОУ „Невена Георгиева Дуња“ е ставен во функција со почетокот на новата учебна година. Учениците од прво до деветто одделение ја следат наставата во комплетно новоизграден и најсовремен училишен објект. Нешто повеќе од 500 ученици сега имаат современи и модерни услови за следење на наставата и можеме да кажеме дека овие ученици сега учат во едно од најубавите училишта во Македонија, рече Ристовски.

133358459

Потсети дека камен темелникот за изградба на овој капитален објект беше поставен минатиот септември, пред околу 12 месеци, што претставува реализација на уште едно барање на граѓаните на овој дел од општината Кисела Вода.

Ристовски при денешната посета присуствуваше на неколку наставни часа во различни одделенија, меѓу кои и на час по хемија на деветто одделение.

133358463

– Учебниците по хемија, физика, биологија и математика од оваа година се реализираат како дел од реформираната наставна програма и со нови учебници работени со меѓународниот центар на универзитетот Кембриџ. Со тоа ја заокруживме целокупната реформа за имплементација на реформите за природни науки и математика со Кембриџ заклучно со деветто одделение, односно цело основно образование, рече Ристовски.

133358461

Градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ, изрази голема благодарност до Владата бидејќи во рок од две и пол години општината се стекна со два целосно нови објекти во сферата на основното образование.

133358458

– Големи два капитални објекти се реализираа во Кисела Вода. Го отворивме ОУ „Рајко Жинзифов“, кое беше изградено од страна на кинеската Влада во соработка со македонската Влада. Кисела Вода и како општина изминатиот период интензивно инвестира во обновување на останатите училишни објекти. Целосно е реконструирано централното училиште „Круме Кепески“ и подрачните училишта во Припор и Црниче. Веќе отпочнува реконструкција на училишната сала во ОУ „Невена Георгиева Дуња“, а истовремено се реконструира и ОУ „Кузман Шапкарев“ за постигнување енергетска ефикасност, рече Беличанец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top