| четврток, 6 декември 2018 |

Ристовски: Програмата по Кембриџ идната година ќе продолжи во средно образование

ucebnik-matematika

­ Во основното образование е целосно завршена примената на учебници по наставната програма од Кембриџ за математика и природни науки и се прават подготовките од идната година проектот да продолжи во прва година средно образование. ­

– Комплетирано е основното образование, заклучно со деветто одделение. Во тек е повикот, врз основа на кој Бирото за развој на образованието потоа согласно со законот ќе продолжи преговори со Кембриџ и оваа година ги почнуваме подготовките за следната година да почеме од прва година средно со реформирани наставни програми по математика и природни науки за средно образование. Така што, континуитетот го обезбедуваме онака како што ветивме, рече заменик­министерот за образование и наука Спиро Ристовски при посетата на локацијата каде што се гради спортска сала за ОУ „Кирил и Меродиј“.

Ристовски соопшти и дека се завршени наставните планови и програми за учебници за 113 предмети за средно стручно образование кои досега недостасуваа и дека за 40­- тина дена ќе биде објавен повик. ­

– Сега сме во подготвителна фаза да се објави повикот да се набават учебници за 113 предмети во средно стручно образование, за тригодишното, а паралелно работиме на подготовката кај четиригодишното. Во наредните три години, година за година, ќе се менуваат учебниците и во средно стручно. Тука станува збор за помала количина учебници, бидејќи се специфични области, и очекувам побрзо да оди и завршувањето на изборот и подготовката на учебниците. Нашата идеја е да бидат преземени и преведени. Согласно договорот што го нудиме, ќе ни бидат понудувани три странски учебници и кој од нив најмногу ќе одговара на наставната програма, тој ќе биде преземен. Ако се оди како што треба, во наредните 40 дена треба да излезе повикот, а во следната учебна година учебниците би биле целосно во употреба, рече Ристовски.

Тој ја коментираше и изјавата на потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска дека ако дојдат на власт ќе го намалат бројот на предмети за учениците, за да бидат повеќе фокусирани на математика и на странските јазици.

– Среќен сум што опозицијата прогресира во своите сфаќања и што се уверува дека развојот и зголемување на математиката во наставата ќе мултиплицира со многу повеќе квалитет во учењето кај учениците и ќе им помогне во животот, зашто има применливост во сите науки, рече Ристовски, кој сегашниот став на СДСМ го оцени како дволичност зашто организатори на тогашните средношколски протести против мерката за математиката како задолжителен испит биле, како што рече, деца на функционери од СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top