Лимфомот е малигно заболување на клетките на лимфното ткиво – лимфоцитите. Тие почнуваат неконтролирано да растат и да се размножуваат, а кога треба да изумрат, остануваат живи во циркулацијата. Овие променети лимфоцити се насобираат во лимфните јазли, на пример околу вратот или под пазувите, кои поради тоа се зголемуваат. Бидејќи лимфоцитите кружат по целото тело, лимфомот може да се јави во еден лимфен јазол, во група лимфни јазли или во некој друг орган што содржи лимфно ткиво. Лимфоните се делат на Хочкинови лимфоми и нехочкинови. Нехочкинов лимфом (НХЛ) најчесто се јавува кај луѓето повозрасни од 60 години. Иако двата пола заболуваат од нехочкинов лимфон, болеста почесто се јавува кај мажите. Зачестената појава на НХЛ е карактеристична во последните години. Поради тоа, од релативно ретка болест, лимфомот станал петто малигно заболување во светот. Сѐ уште не се познати причините за појава на ова заболување и за зголемување на бројот на заболени.
Првите симптоми на НХЛ се неспецифични и го отежнуваат поставувањето на дијагнозата. Истите симптоми можат да се јават кај други, помалку сериозни заболувања, како грип или други вирусни и бактериски инфекции. Многу често, кај пациенти што немаат никакви симптоми се дијагностицира НХЛ. Лекарот што се сомнева дека пациентот има НХЛ треба да направи целосен преглед на пациентот и дополнителни испитувања. Лекувањето на НХЛ зависи од повеќе фактори, а постојат различни опции на терапија: хемотерапија, моноклонирани антитела, зрачна терапија, трансплантација и опсервација.
-Мора да продолжиме активно да работиме и континуирано да ги подобруваме дијагностиката и третманот на оваа малигна хематолошка болест, а со цел на пациентите да им се воспостави дијагноза во поран стадиум на болеста и да имаат колку што е можно подобар исход во терапијата – вели во интервју за „Република“ професор д-р Лидија Чевреска, специјалист интернист, супспецијалист хематолог на Клиниката за хематологија.
Петнаесетти септември е Светски ден за подигање на свесноста за лимфом. Клиниката за хематологија заедно со Здружението за борба против рак „Борка“ заедно го одбележуваат овој ден.
Како ќе се одбележи Светскиот ден за подигнување на свесноста на лимфомите?
ЧЕВРЕСКА: Светскиот ден за подигнување на свесноста на лимфомите е глобален настан, кој се одбележува секоја година. Целта е сите заедно да застанеме пред овој предизвик и да ја подигнеме свесноста и нашата подготвеност за борба против малигните лимфоми. Малигните лимфоми со својот најчест тип, нехочкиновиот лимфом (НХЛ), претставуваат сериозен здравствен проблем на секое општество во светот. Симптомите на НХЛ се многу неспецифични: зголемени лимфни јазли (лимфаденопатија), ноќно потење, зголемена телесна температура, кашлица и задушување, нагло слабеење, замор и чешање по телото.
Колку пациенти заболени од НХЛ се дијагностицираат во Македонија?
ЧЕВРЕСКА: Во Република Македонија годишно се дијагностицираат околу 140 нови пациенти заболени од НХЛ и овој број е во постојан пораст. Инциденцијата денес е двојно зголемена споредено со инциденцијата од пред една деценија. Во 2003 година, на пример, имало 61 пациент со НХЛ регистриран во Македонија. Сепак, во споредба со земјите од ЕУ и од САД, Македонија има многу пониска инциденција на НХЛ. На пример, дијагностицирани нови случаи на еден милион жители изгледа вака: Македонија има 70 нови случаи, Словенија 129, Западна Европа 166 и САД 212 нови случаи на еден милион жители. Овој податок ни укажува дека мора да продолжиме активно да работиме и континуирано да ги подобруваме дијагностиката и третманот на оваа малигна болест, а со цел на пациентите да им се воспостави дијагноза во поран стадиум на болеста и да имаат колку што е можно подобар исход од терапијата.
Како да се работи на подобрување на дијагностиката и на третманот на болните од лимфом?
ЧЕВРЕСКА: Клиниката за хематологија и другите здравствени установи, здруженијата на пациентите заедно со здравствените власти во Македонија мора заеднички да работиме за подобрување на дијагностиката и на третманот на овие болни. Со цел да ја подобриме раната дијагностика и исходот од третманот на болните со НХЛ, нашата Клиника презеде активна улога во едукација на матичните лекари и интернисти, создавање мрежа на лекари на Македонија, лица за контакт за лимфоми во локалната средина каде што живеат и работат, кои своето знаење го пренесуваат на своите колеги и активно се вклучени во процесот на рана дијагностика на пациентите со лимфаденопатија, изработка и промоција на брошури за пациенти заболени од НХЛ и хронична лимфоцитна леукемија (ХЛЛ), како и брошури за стручната јавност, публикација и промоција на прирачник за рана детекција, дијагностика и третман на нехочкиновите лимфоми. Овој прирачник беше подготвен заедно со колегите од Институтот за патологија и Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија промовиран во 2014 година.
Каде се лекуваат болните од НХЛ?
ЧЕВРЕСКА: Лекувањето на пациенти повозрасни од 14 години се изведува на Клиниката за хематологија. Со години наназад правевме едукација на лекарите низ цела Македонија. Болните со НХЛ што се во подобра здравствена состојба хемоимунотерпијата ја примаат во Дневната болница на Клиниката за хематологија, која е комплетно реновирана. Кај болните со агресивен НХЛ со дадената терапија се постигнува повлекување на болеста до 85 проценти. На Клиниката има лекови за прволиниска, второлиниска и за третолиниска терапија и можност од 2000 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки. Во медицината, посебно во хематологијата, науката многу оди напред во однос на нови препарати како што е поткожната формула на анти CD 20 моноклоналното антитело Rituximab со што значително се подобри комфорот и третманското искуство на болните со НХЛ.
Каква е вашата соработка со „Борка“ – здружението за борба против рак?
ЧЕВРЕСКА: Клиниката за хематологија заедно со „Борка“ активно учествува во унапредувањето на состојбите на пациентите болни од рак и на нивните семејства, во одржување на настанот за подигање на свесноста на хематолошките малигни заболувања. На нашата клиника беше поставено дрво на импресии на кое пациентите ќе можат да ги искажат своите предлози, препораки и мислења со цел да се подобри нивното искуство во борбата со оваа болест. Нашата препорака до сите фактори во здравствениот систем на Македонија е сите заедно да помогнеме во подобрување на раната дијагностика и третманот на пациентите со лимфоми и други хематолошки малигни заболувања.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
(текстот излезе во 211. број на неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.