| четврток, 6 декември 2018 |

Згаснува производителот на легендарниот телефон кој не губи сигнал

Шведскиот произведувач на телекомуникациска опрема „Ериксон“ планира да го згасне производството во матичната земја, што би значело губење на 3.000 работни места, пишуваат шведските медиуми.

Според медиумите, станува збор за програмата за намалување на трошоците за три милијарди шведски круни, или 313 милиони евра. Според написот, 60 отсто од заштедите би требало да бидат реализирани во Шведска, а остатокот во странство.

Во „Ериксон“ не биле достапни за коментар на оваа информација, пренесува AFP.

Оваа компанија вработува 116.00 работници ширум светот, вклучително и 15.000 во Шведска. Планираното укинување на 3.000 работни места во производството ќе биде изведено во клучниот оддел на мрежи.

Доколку оваа информација е точна, тоа ќе претставува крај на една ера, бидејќи производството на „Ериксон“ во Шведска датира уште од 1876 година.

Шведската компанија уште во април годинава најави структурни промени во рамките на програмата со која имаат намера да ја зголемат ефикасноста на работењето и да го поттикнат растот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top