Министре Мисајловски, последните неколку години Македонија, буквално, е претворена во едно огромно градилиште. Колкав е инвестицискиот циклус во патната и во железничката инфраструктура?
МИСАЈЛОВСКИ: Точно е тоа дека Република Македонија е претворена во едно огромно градилиште и тоа не го говориме туку-така. Ако излезете на терен, ќе забележите дека се гради во сите региони во земјава. Инвестицискиот циклус кој трае веќе неколку години континуирано надминува една милијарда евра. Тука влегуваат само инвестициите во патната, железничката и во комуналната инфраструктура, односно капиталните инвестиции само во нашиот ресор. Тоа подразбира изградба на автопатишта, регионални патишта, пруги, набавка на нови возови и не помалку важно е изградбата или реконструкцијата на канализациски и водоводни системи секаде каде што има потреба од тоа. Генерално, остануваме на истиот курс, инвестиции во инфраструктурата мора да има и ќе има. Владата и ние како ресорно министерство, во соработка со ЈП за државни патишта и ЈП „Македонија пат“, со кои имаме одлична соработка и кои постојано се на терен, ќе продолжиме да вложуваме во нови проекти бидејќи тие се од огромно значење за економскиот раст на државата и за подобрување на условите за живот на граѓаните.
Колку патишта, автопатишта, регионални и локални патишта се градат во моментов?
МИСАЈЛОВСКИ: Активно на терен се работи на триесетина поголеми проекти во делот на патната мрежа, дел автопатишта, дел регионални и дел експресни патишта. Генерално сум задоволен со кое темпо се одвиваат градежните работи иако ние би сакале и побрзо, но тоа не зависи секогаш од изведувачот. На Коридор 10 неколку месеци се работи на реконструкција на автопатната делница од Скопје до Куманово, инвестиција од 6 милиони евра со средства обезбедени од ИПА; овој месец почнуваме со реконструкција на автопатната делница од Неготино до Демир Капија, инвестиција од околу 5 милиони евра; интензивно се работи на автопатната делница Демир Капија – Смоквица, инвестиција од 210 милиони евра, како и на реконструкција на автопатната делница Смоквица – Гевгелија, инвестиција од 4,2 милиони евра, исто така средства обезбедени од ИПА. Во исто време, активно се градат и другите два нови автопатишта, Миладиновци – Штип во вредност од 206 милиони евра и од Кичево до Охрид во вредност до 374 милиони евра. Овој месец го распишавме тендерот за реконструкција на патната делница од Гостивар до Кичево. Во меѓувреме, почна изградбата на експресниот пат од Градско до Прилеп, а во завршна фаза е изградбата на експресниот пат од Велес до Штип. Активно работиме и на регионалните патишта, и тоа: Битола – Ресен – Буково, Мокрино – Смолари, Бошков мост (Жировница) – Дебар, Делчево – Голак, Мелнички мост – Жупа, Кривогаштани – Обршани – Воѓани, Кочани – Делчево, Сопиште – Говрлево, Средно Водно – с. Нерези, Скопје – Сончев Град, Опае – Бељаковце – Станчиќ – граница со Косово, Градско – Дреново. Во завршна фаза се патните правци Ново Село – Маврово, Нов Дојран – Николиќ, Тетово – Брвеница- Чегране – Гостивар и Калишта – Струга. Исто така, во најскоро време ќе почнеме да ги градиме и експресните патишта од Штип до Кочани и од Штип до Радовиш, како и од Ранковци до Крива Паланка.
Во однос на локалната патна мрежа, завршивме со проектот за обнова на локалните патишта преку кој изградивме или реконструиравме преку 400 локални патишта. Имаме и други патишта што ги работиме преку ЈП „Македонија пат“, а, исто така, следната година планираме да почнеме со изградба и на други патни правци што сме ги ветиле во Програмата за работа.
Се инвестира и во железницата, нешто што со децении претходно не беше допрено, за колкава инвестиција се работи досега, во кои сегменти и што е следно во тој дел?
МИСАЈЛОВСКИ: Првпат во Република Македонија сериозно се пристапи на овој сегмент. Железницата е еден од важните сектори бидејќи низ земјава транзитира голем дел од сообраќајот кон Европа. Па, затоа е многу важно да имаме квалитетна железничка инфраструктура, која ќе овозможи брз и квалитетен транспорт. Зборуваме за моментални инвестиции преку 200 милиони евра. Со оглед на тоа дека низ нашата земја минува и Коридорот 8, а тој е еден од важните Паневропски коридори, почнавме со најголемите инвестиции токму во изградба на пруга која ќе биде алтернатива на Коридор 10. Во тек е изградба на пругата од Куманово до Бељаковце во вредност од 40 милиони евра, тече тендерската постапка за изградба на делот од Бељаковце до Крива Паланка со проценета вредност за изградба од 147 милиони евра, а во исто време се врши проектирање и на делот од Крива Паланка до границата со Р. Бугарија. За да го комплетираме Коридор 8, почнавме и со проектирање пруга кон Албанија. Во делот на сообраќајот, набавивме 6 нови патнички воза, претходно се набавија 150 товарни возови, а во тек е тендер за набавка и на 3 нови локомотиви. Со средства од ИПА, завршивме со реконструкција на 7 железнички станици на Коридор 10, вклучувајќи ја и Меѓународната железничка станица во Скопје. Тие се сериозни инвестиции во железницата со оглед на тоа дека децении наназад ништо не се инвестирало во тој дел.
Македонија е како крстопат меѓу Истокот и Западот, интензивно работи на подобрување на инфраструктурата, а во моментов најважен и најголем е проектот за градбата на Демир Капија – Смоквица. До каде се активностите, колку чини инвестицијата и што значи таа за државата?
МИСАЈЛОВСКИ: Изградбата на автопатната делница Демир Капија – Смоквица е со полн интензитет. Според најавите на изведувачот, градежните работи очекуваме да бидат завршени на крајот од првиот квартал во следната година, што значи дека целата траса од 28 километри ќе биде изградена и асфалтирана, поставена електрична енергија, контролен центар, како и други пропратни елементи. Вкупната инвестиција е 210 милиони евра. Ме прашавте што ќе значи таа за државата. Изградбата на оваа автопатна делница е по сите меѓународни стандарди. Првпат ќе имаме автопатно решение што ќе ги задоволува сите стандарди од аспект на безбедност, сообраќај итн. Дополнително ќе го подигнеме квалитетот на сообраќај бидејќи не само оваа делница, туку целиот автопат на Коридор 10 е реконструиран или е во фаза на реконструкција.
Сличен по значење е и автопатот Кичево – Охрид. До каде е неговата изведба, кога ќе биде готов и колку чини?
МИСАЈЛОВСКИ: Изградбата на автопатот Кичево – Охрид претставува најголемата капитална инвестиција во Република Македонија, која чини над 370 милиони евра. До овој момент се реализирани повеќе од 30 проценти од вкупните градежни работи. Се работи на целата траса на автопатот, асфалтирани се околу 2.700 метри и во наредниот период интензивно ќе се продолжи со асфалтирање. Со добра динамика се работи и на тунелот кај Пресека, кој е пробиен околу 45 проценти. Тунелот, практично, ќе биде најдолг во земјава, со должина од околу 2 километри. Интересно е тоа што таму е стационирана најмногубројна работна сила што досега е ангажирана на кој било капитален проект или во бројки околу 530 машини и околу 1.200 градежни работници. Неговата изградба е многу значајна бидејќи сакаме да го врземе тој дел од Македонија преку автопат, што е многу важно од аспект на регионалното поврзување како дел од Паневропскиот коридор. Дополнително, распишавме тендер за реконструкција и на делницата од Гостивар до Кичево, но морам да спомнам дека остануваме на планот да градиме нов автопат од Гостивар до Кичево и да направиме комплетно поврзување до Охрид преку автопат, па потоа и кон Струга. Друга работа се економските придобивки и бенефитот што ќе го имаат граѓаните од аспект на побрз и поквалитетен сообраќај на оваа траса.
Морам да спомнам дека активно се работи и на автопатот од Скопје до Штип. Таму сме во понапредна фаза, целата траса е пробиена, на една третина од автопатот има поставено асфалт, а речиси половина од градежните работи се завршени. Станува збор за сериозна инвестиција од 206 милиони евра, а очекуваме тој да биде завршен на почеток на 2018 година.
Инвестициите во патиштата и во железницата, освен подобрување на инфраструктурата, значат и ангажирање работа сила. Колку наши граѓани се ангажирани на сите проекти што се изведуваат во моментов?
МИСАЈЛОВСКИ: Генерално оперираме со бројка меѓу 2.500 и 3.000 работници што активно работат само на изградба на патиштата. Тука не ги броиме работниците што работат во делот на железницата или во изградба на канализациски и водоводни системи. Овој инвестициски циклус, генерално, многу придонесува за развој на градежниот сектор, не само од аспект на ангажирање на работната сила, туку и од аспект на користење нови технологии и практики во изградба на објектите. Тоа е дополнително искуство за домашните компании бидејќи тие најчесто се јавуваат како подизведувачи на поголеми проекти. Друга работа што сакам да ја спомнам е фактот што на јавните повици се јавуваат голем број компании што на некој начин ја намалуваат цената што сме ја планирале за одреден проект и со тоа обезбедуваме дополнителни средства за нови проекти. Интересот од фирмите покажува колку Македонија е сериозна земја во реализација на инфраструктурните проекти.
Една од болните точки на луѓето кога патуваа беше и слабоосветлениот тунел пред Катланово. Дали е завршено неговото осветлување и како изгледа тој сега?
МИСАЈЛОВСКИ: Реконструкцијата, заедно со осветлувањето на тунелот пред Катланово, на потегот од Велес кон Скопје е во тек. Завршена е едната лента, а деновиве почна да се реконструира и другата страна на тунелот. Осветлувањето на тунелот се врши со ЛЕД-светилки во внатрешниот дел, како и трепкачки светилки на надворешниот дел, со што значително се зголемува прегледноста на возачите. Претходно извршивме и осветлување на тунелот кај Катланово на автопатната делница Скопје – Велес, како и на двата тунели пред Велес. До крај на годинава ќе се изврши санација на уште три тунели, и тоа: тунел Блаце, тунел на патот Градско -Прилеп, како и тунелот на патот Битола – Прилеп.
Субвенциите во авиобизнисот донесоа многу странски туристи, но им овозможија и на нашите луѓе да го видат светот? Дали ќе продолжите со оваа практика и која, според Вас, е придобивката од тоа?
МИСАЈЛОВСКИ: Придобивката е видлива, овозможивме 34 директни линии, од кои 24 директни летови до европски дестинации со многу поволни цени на билетите. Еве ако направиме споредба пред десетина години и сега, резултатот е следен. Во 2005 имавме само десетина до петнаесет дестинации. Сега имаме директни линии кон Лондон, Венеција, Малме, Базел (од Скопје), Ајндховен, Дортмунд, Милано, Минхен Меминген, Стокхолм, Гетеборг, Брисел, Франкфурт, Келн, Париз, Браселона, Осло, Нирнберг, Хамбург, Фридрихсхафен, Базел (од Охрид), Берлин, Копенхаген, Братислава, Загреб, Женева, Прага, Дубаи, Белград, Љубљана, Рим, Истанбул, Виена, Цирих. Од октомври ќе почне да се лета од Скопје до Доха, а од ноември од Скопје до Хановер.
Преговараме и со други авиокомпании кои се заинтересирани за влез на македонскиот пазар кои ќе понудат нови дестинации. Само како резултат на ова, бројот на патници од месец во месец се зголемува, во просек, за 20 проценти.
Разговараше: Александрија Стевковска
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со министерот Владо Мисајловски е објавено во 211. број на неделникот Република, 16.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мисајловски: Озбилни сте?
-
Македонија ќе победи: Мисајловски, Јанушев и Трајановски го придружуваа Мицкоски на чело на поворката во Кавадарци (фото)
-
Мисајловски: 100 нови улици во Ѓорче, ќе нема ни една неасфалтирана улица! (видео)
-
Мисајловски: Сите депонии во Ѓорче Петров ќе ги претвориме во зелени површини (видео)