Полскиот театарски режисер Јацек Гломб повеќепати доаѓал во Скопје. Поводите биле различни, но причините секогаш биле поврзани со театарската уметност. Oвојпат тој ја поставува претставата „Прекината одисеја“ на сцената на МНТ која ја работат копродукциски Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“од полскиот град Легница, чиј директор е Гломб, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата и костимите на Малгорзата Буланда, драматург е Роберт Урбањски…
Со Јацек Гломб разговаравме пред саботната премиера на претставата во МНТ.
Минатата година гостувавте со театарот „Хелена Моджејевска“ со претставата „Мојата Босна“ на сцената во МНТ. Какви впечатоци понесовте од Скопје по таа премиера?
-Генерално впечатоците беа добри. Тешко е прашањето, помина доста време од тогаш. Колку што можам да се сетам беше добра претстава бидејќи по првото изненадување со оглед на формата во која работиме, луѓето ја прифатија таа форма и се помина добро. Се сеќавам на емоциите и на актерите и на гледалиштето и мислам дека имаше разбирање меѓу тие две групи, бидејќи за мене е многу важно да постои тоа.
Повторно се враќате на сцената на МНТ, сега со претставата „Прекината одисеја“.Темата на претставата се однесува на егзодусот на децата-бегалци од Егејска Македонија за време на Граѓанската војна во Грција, а кои живеат во полскиот град Легница во кој по Втората светска војна дојдоа бегалци од Македонија.Што ве натера да работите на оваа тема? Што ве предизвика?
-Тие деца за кои зборувате пристигнуваа во цела Полска не само во Легница, но се разбира дека поводот за оваа претстава беа децата кои дојдоа во Легница. Тоа беше целата јужна Шлезија и т.н. Западна Полска, а тоа е регијата во која ние работиме. Оттука оваа тема за нас е важна, а истовремено правењето на ваков вид претстави е еден вид ракопис на нашиот театар. Зошто ние често правиме претстави со тематика која потекнува од околијата на нашиот град, животот, случувањата. Живееме во интересен град во кој има луѓе од повеќе националности. Меѓу нив и Македонци. И оттука оваа приказна која во Полска не е многу позната, бидејќи во крајот на четириесеттите години овие деца пристигнаа во Полска како грчки деца, за потоа луѓето, а особено нивите воспитувачи да дознаат дека тоа се македонски деца. И претставата е токму за тоа. Значи претставата е токму за тоа дека тие деца меѓу другото се од друга националност, различна од онаа што беа декларирани кога доаѓаа, зошто тие доаѓаа од Грција.
Постојат ли печатени материјали за оваа тематика? Како се подготвувавте? Имавте ли средби со некои од тие деца бегалци?
-Ќе почнам од тоа дека ова не е документарна претстава. Тоа е литерарна фикција пред се напишана од авторот Роберт Урбањски, која потоа е преточена во театарска претстава. Тоа е збир од човечки судбини кои нам ни се видоа важни, интересни, забавни…Значи тука не можеме да бараме историска теза за прашањето за кое зборуваме. Ние исклучиво раскажуваме приказни. Но, јасно е дека кога правиш таква претстава треба да ја знаеш темата за која зборуваш. И секогаш таа литературна фикција се изведува од историски факти. И тука има две работи кои ни беа идеја водилка: материјалите кои ги собра д-р Ана Курпил во Македонија и во Полска, неколку десеттици интервјуа со сведоци од таа судбина, како и книгата што таа ја напиша на оваа тема, но и документите што ги има собрано во два тома д-р Петре Наковски. Тоа се документи кои се однесуваат на историјата на Полска и Македонија по Втората светска војна, поточно по 1948 година. Разговаравме и со луѓе. Во текот на мојот последен престој овде во Македонија се сретнав со госпоѓата Василка Трипкова која е родена во Легница и чија приказна ни послужи како инспирација за еден од монолозите….Текстот на претставата до последен момент го менувавме. Тоа е жива клетка над која сеуште работиме и како ќе изгледа на крајот ќе видиме во сабота на премиерата.
Актерите велат дека работејќи ја претставата плачеле тие самите, но плачела и публиката…Самата тематика е чувствутелна и мошне емотивна, но истовремено универзална бидејќи сите сме сведоци на огромни бегалски кризи во изминативе години, почнувајќи од просторите на Поранешна Југославија, па се до актуелните Авганистан, Сирија…?
-Јасно е дека кога се работи ваква тема се јавуваат силни емоции, особено што за Македонците ова е мошне важна тема. За нас е темата за Македонците што дојдоа во Полска. За Македонците, пак, е тема: тие беа истерани или мораа да го напуштат своето живеалиште. Особено со оглед на фактот што поголемиот дел од нив не можат повеќе да се вратат таму. Или подобро кажано нивното враќање е условено со нешто што малку кој од тие луѓе сака да го направи. Така што, се разбира, дека оваа тема е важна, особено сега со оглед на случувањата во светот кога бегалците и бегалските кризи се секојдневие. Но, улогата на режисерот е да игра со тие емоции. Да ги користи емоциите во смисла дека тие треба да бидат силни за формирање на сценскиот лик. А тоа дека глумецот е емотивно погоден тоа не е толку битна работа. Треба со емоциите да го погодиме гледачот. Тоа е најбитно. Важно ни е колку ќе успееме да допреме до човечките емоции на гледалиштето. Се бориме за тоа. Премиерата ќе биде за нас еден лакмус за тоа дали направивме добра претстава.
Како Ви успеа да ги извадите на површина тие емоции? Беше ли тешко да се работи со македонските актери?
-Македонските актери се силно емотивни. Не велам дека нашите не се, но тоа се друг вид емоции, или друга варијанта на емоции. Јасно е дека таа емоција не придружува на претставата бидејќи тоа не е интелектуална претстава. Токму затоа и за музиката за претставата одбравме музика изведена од три кларинети, бидејќи тоа е инструмент кој предизвикува емоции. Тоа ни беше целта. Уште би сакал да додадам дека претставата ја работиме на јазик кој јас не го познавам и беше долг патот кој го поминавме од првата проба до денес. Патот кој го минуваме во голем дел ни го олесни Григориј Поповски, кој не беше само преведувач, туку и толкувач на световите за кои зборуваме. Тој е жив сведок на целата приказна и неговата помош беше неопходна. Но, од друга страна кога ќе го поминеш тој пат, веќе имаме невербална комуникација со актерите. Денес можам да кажам, знаејќи го текстот на претставата, се разбира на полски јазик, јас веќе можам да препознам дали актерот на пробите ја зборува вистината, т.е тоа што треба да го каже или не. И за мене тоа многу вредно искуство, бидејќи ова е прва моја работа на туѓ јазик. Македонскиот и полскиот јазик имаат заеднички корени и во голема мера разбирам, за разлика од тоа, во август работев претстава во Батуми во Грузија и разликата е огромна така што таму ништо не разбирав. И добро е што се прави една ваква претстава, бидејќи таа претставува мост помеѓу нашите народи. И тоа што македонските актери се среќаваат со полските актери е големо искуство. Во тоа се состои вистинска копродукција. Копродукцијата не е во средбите на директорите, туку средбите на актерите и техниката кои создаваат. Со нас дојдоа и четворица од техниката кои соработуваат со македонските техничари и тоа е одлично бидејќи таа соработка ќе предизвика нови погледи за начинот на кој се работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.