Мирно и тивко утро во Лазарополе. Влеговме во селото рано наутро, некаде околу осум часот, два дена откако непознати лица украдоа 30 икони од селската црква. Селската кооперација сè уште беше затворена. Не работеше ниту единствениот хотел во ова село во малореканскиот регион. Веднаш штом ќе влезете во селото завиено во прекрасната природа ја забележувате црквата. Се упативме кон „Свети Ѓорѓија“, но капијата беше затворена. Низ неа се гледаше уредениот двор. Двор каков што нема ниту една црква во помалите места во земјава. Случајно налетавме на градежни работници, кои работеа на една куќа. Нè упатија да го побараме Арсо Глигуровски, човекот што се грижи за овој Божји храм.
– Ми го украдоа срцето – беше првиот коментар на Глигуровски, член на црковниот одбор. Тој живее во Скопје, но голем дел од времето го поминува во Лазарополе.
Арамиите влегле од капијата, која секогаш е заклучена. Ја разбиле бравата. Сè уште се гледаа трагите од автомобилот што бил паркиран во тревникот веднаш пред црквата. Глигуровски ни раскажува дека момчето што ја чува механизацијата со која се прави локалниот пат видело два автомобила – џип и патничко возило. Претпоставката е дека едното возило било логистика, а другото „оперирало“.
– По кражбата во Тресонче пред еден месец, увидовме дека мораме да ја зголемиме безбедноста на црквата. Дојдов порано, пред Велигден и со мајстори работевме на обезбедување на прозорците. Но, тие нè изненадија на главниот влез, каде што има три брави – раскажува Арсо покажувајќи ја старата брава со голем клуч.
Во кантата за отпадоци беше фрлена лентата на која е испишано „стоп полиција“. Грабежот се случил ноќта, неделата кон понеделникот. Во понеделникот полицијата направила увид. Биле земени отпечатоци од прсти. Дошле и претставници од Заводот за заштита на споменици. Регистрирале кои икони се украдени за да се пушти потерница по Интерпол. Во уредениот двор, осветлен со рефлектори, стои и гробот на градителот на црквата, Ѓурчин Кокалевски. Лазарополци се подготвувале за чествување за 150-годишнината од смртта на градителот. Поканиле академици, министри…
24 празнини, 24 богатства
Нашиот домаќин ја отвори вратата од црквата. Се прекрсти на влезот, а на неговото лице се забележуваше револтот од тоа што нè чека внатре.
– Три дена не можам да заспијам. Се подготвувавме за Велигден, да пречекаме повеќе од 2.000 верници. Секоја година дворот е преполн со верници. Ќе дојдат и оваа година. Но, за жал, сликата внатре не е иста – вели тој.
Дваесет и четирите празни отвори на рамката кај олтарот сведочеа за тоа што се случило два дена претходно.
– Украдени се триесет икони. Тие имаат, непроценлива вредност. Крадците точно знаеле што земаат. Веројатно имале список што да земат. Избрале што им е нарачано. Ги украле и вратичките, царски двери, заедно со сводот од резба. Им требало веројатно за некоја колекција некаде. „Оперирале“ долго време. Се движеле низ дворот, се шетале, но немало кој да ги забележи – вели Глигуровски.
Украдени се триесет икони од 16 и од 18 век, голем дел од нив на познатиот Дичо Зограф. Тоа се најдобрите дела, кои одат на странски пазар на аукција. Се заработува многу од нив, со оглед на тоа дека имаат непроценлива вредност. Беа откорнати дури и дрвените резби од аглите на столбовите. Со себе ја однеле и певницата, но таа им испаднала по пат. Најдена е на петстотини метри од црквата, надолу по патот. Внатре беа расфрлани кутичиња од темјан. Ги украле и црковните пари, отворале во шкафчиња. Веројатно барале уште нешто.
Од поголемите икони ги немаше и тие на св. Ѓоргија и на св. Димитрија. Недостигаше и икона од еден од столбовите. Глигуровски вели дека таа икона била на света Богородица. Била цврсто прицврстена, но успеале да ја извлечат. На столбот стоеше само искршената рамка.
Ниту еден со лична карта од Лазарополе
Селото нема ниту еден жител со лична карта. Инаку, има десетина луѓе што се вртат преку зима. На ридот над селото се наоѓа метеоролошка станица, една од четирите клучни станици во Европа. Тоа е и станица за озонски дупки, воздушен притисок… Секоја недела доаѓа возило од Министерството за екологија, а секоја година зема примероци. Тука се сретнуваат медитеранска и континентална клима, поради што, според лазарополци, овде има одлична клима за живеење. Станицата е свртена кон самата црква. Но, дежурниот не забележал дека нешто се случува во црквата. Тоа, велат лазарополци, покажува дека се работи за „професионални арамии“.
Издржаа турско и бугарско, ги снема во македонско
Пред две години чествувале 170 години од постоењето на црквата. Фотографијата на која е и г.г. Стефан стоеше во делот каде што се продаваат свеќите. Иконите беа тука. Празнините пополнети… Како ќе изгледа новата фотографија на чествувањето по повод 150-годишнината од смртта на градителот?! Дали тогаш иконите ќе бидат пронајдени и вратени таму каде што припаѓаат, меѓу верниците?!
Глигуровски е револтиран што досега не се фатени крадците, кои веќе ограбиле две цркви во тој дел. Вели ова е сериско крадење, треба да ги најдат по начинот на крадење.
– Ни во турско, ни во бугарско, ни во грчко, ни во српско не се случило, се случува во самостојна и демократска Македонија. Колку сме самостојни и демократски самите проценете –револтирано коментира.
Додека зборувавме неговиот телефон постојано ѕвонеше. Го бараа пријателите од селото, кои сè уште не беа пристигнати. Сите револтирани и вознемирени прашуваат што се случило во селската црква… Тажно е, страшно – одговараше нашиот соговорник…
Ни раскажуваше за атрактивноста на црквата, за посветеноста на петнаесетте члена на црковниот одбор… ни го посочи прекрасниот фрескопис во црквата. Пред две години за негова реставрација биле потрошени 70.000 евра. Останати се уште столбните фрески, за кои се прави напори да бидат реставрирани.
Се разделивме од нашиот соговорник во дворот од црквата. Додека ги раскажуваше последните приказни за селото, за скијањето на ридот спроти црквата, ги корнеше непотребните тревки, ги собираше камчињата во тревникот. Со надеж дека крадците ќе бидат фатени, а иконите вратени, го напуштивме Лазарополе.
Венчавките сè уште се дел од оваа црква
Црквата во Лазарополе е осветена во 1841 година. Се претпоставува дека на ова место имало стара црква, која е доградувана како што растело селото. Денес во неа нема активно свештено лице, а за посвечени манифестации доаѓаат свештеници од манастирот „Св. Јован Бигорски“. Доаѓаат и монахињи од манастирот во Рајчица, кои учествуваат во богослужбата.
Црквата припаѓа на Кичевско-дебарската епархија и за неа е надлежна црквата од Дебар, од каде што доаѓа свештеник. Но, доколку некој има желба да го венчава друг свештеник, се плаќа надомест за свештеник од епархијата и се доведува тој што го избрале младенците. Минатата година се венчал некој од Лазарополе со девојка од Маврово. Се случува и некој да изрази желба да биде погребан во родното село.
Интересен е големиот лустер пулелеа, денес со електрични светилки, а некогаш со свеќи што се палеле за поголеми свечености. Сè уште се чуваат телескопите за палење и за гасење. Денес за поголеми пригоди како крштенки и венчавки се палат свеќи на крстот, кој на механизам се крева нагоре кон Исус Христос. Механизмот без проблем работи 175 години.
Го штити ли некој македонското богатство?!
Неодамна имало предлог иконите да бидат ставени во депо во Охрид како мерка за заштита од крадци. Но, црковниот одбор не се согласил. Сметале дека нивното место е тука, во Божјиот храм, и дека складирањето во депо не е начин да се чува македонското културно историско наследство препознатливо за ова место. Дали на иконите им е место во депо? Дали е тоа начин да се заштитат од крадење? Дали денешната технологија не дозволува поинаков начин на заштита на вредните икони? Министерството за култура, МПЦ и Дирекцијата за заштита на споменици треба да се прашаат дали е ова начин да се сочува македонското богатство. Дали не треба да се одвои некој денар за да се зачува тоа што, навистина, вреди?! Зачудувачки за лазарополци е што органите за безбедност не успеаја да ѝ влезат во трагата на групата што третпат краде икони во овој регион. Се јавија и од манастирот „Свети Јован Бигорски“:
– Осквернавен е најубавиот храм во мијачкиот крај, прочуен по својот редок и вреден иконостас, но и по богатата галерија на стари икони, кои датираат од 16 до 18 век. Крадците успеале да однесат речиси сѐ што било вредно, дел од престолните икони и икони од 16 и од 18 век, цел горен ред од иконостасот, па дури и старата и неодамна реставрирана престолна резба. По кражбата, во црквата е оставен пустош. Жалната слика е потсетник за нас дека едно непроценливо богатство што некогаш го красеше храмот „Свети Ѓорѓија“ е неповратно заминато. За жал, органите за безбедност се покажаа немоќни да ѝ влезат во трага на оваа организирана група или да направат што било за да ја запрат оваа серија кражби, кои нѐ лишуваат од најсветото и највредно.
Црквите често на удар
Во изминатиот период се украдени многу дела на македонските зографи. Последната кражба на икони беше регистрирана на крајот на февруари годинава од црквата „Св. Петар и Павле“ од малореканското село Тресонче, од каде што беа изнесени 32 икони. Сторителите ги откорнале металните решетки на прозорецот близу олтарот и одзеле пет големи и 27 помали икони, а неколку оштетиле.
Еден месец претходно шест икони, стари стотици години, беа украдени од црквата „Света Богородица“ во дебарското село Долно Мелничани. Вредни икони се дело на Дичо Зограф. Претходно, во струшкото Модрич од црквите „Свети Никола“ и „Пресвета Богородица“ беа украдени тринаесет икони. Икони се украдени и од црквите во битолско Железнец, Маловишта, Ѓавато, Голеш, Златари, Лева Река, Долно Перово и од Сопотско. Според податоци од полицијата, само во 2010 година од цркви во Струга и во Струшко биле однесени седумдесет икони.
Пишува: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорѓи Личовски
Текстот е објавен во 34. број на неделникот „Република“ (26.4.2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Постигнат договор за раздвојување на Грчката православна црква од државата
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Зошто палиме свеќа во црква и што значи тоа: Следниот пат сетете се на ова…
-
Ценовник од македонска црква предизвика лавина од негативни коментари