В сабота, 17 септември во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот е закажана премиерата на „Прекината одисеја“. Ова е претстава за егзодусот на децата-бегалци од егејскиот дел на Македонија кои завршуваат во Полска. Автор на текстот е Роберт Урбањски, а режијата е на Јацек Гломб. „Прекината одисеја“ е копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од Легнице.
Во претставата играат околу 30 актери од Македонија и од Полска. Од ансамблот на МНТ играат актерите Владо Јовановски, Софија Насевска-Трифуновска, Сашка Димитровска, Снежана Коневска – Руси, Билјана Јовановска, Борче Начев, Томе Витанов и Трајче Ѓоргиев. Музиката е на Горан Трајкоски, а сценографијата и костимите на Малгорзата Буланда.
Следните две репризи се закажани за 18 и 19 септември во МНТ. Потоа „Прекината одисеја“ ќе гостува на 20 септември во Куманово, на 21 септември во Велес, на 22 септември во Штип, 23 септември во Струмица, на 26 септември во Охрид, на 27 и 28 септември во Битола и на 29 септември во Прилеп. Во втората половина на ноември годинава претставата ќе се игра во повеќе градови во Полска.
Директорот на националниот театар, Дејан Пројковски, рече дека в сабота ќе се оствари двегодишниот сон на театарот „Хелена Моджејевска“ и МНТ.
– „Прекината одисеја“ е претстава за која во изминатите две години двата театри сонуваме заеднички да раскажеме една голема приказна за која работејќи разбравме дека е главниот мост меѓу Полска и Македонија. Претставата не е учебник по историја, и не би сакал никој понатаму претставата да ја третира како историски чин. Ова е театарски чин, што исклучиво се занимава со судбините и страдањата на децата-бегалци. Не би сакал таа да биде дел од дебати за историски факти, бидејќи е уметнички чин кој е базиран на факти, меѓутоа од личните драми и случувања на децата-бегалци – рече Пројковски.
Драматургот Роберт Урбањски рече дека зборува за приказна што во одредено време ги поврзува нашите народи, коишто до денес топло зборуваат едни за други.
Полскиот режисер Јацек Гломб изрази радост што делото кое го подготвуваат веќе две години доаѓа до своето финале.
– Претставата има и своја порака, а темата со бегалците е посебно актуелна во последните години. Се поставува прашањето како е возможно во 1948 година кога Полска била сиромашна земја, разурната од војната да прими бегалци од различни земји, а денес 70 отсто од Полјаците не сакаат да примат бегалци во својата земја – вели режисерот.
Тој е многу благодарен на соработката со Григори Поповски, кој е преведувач од полски јазик и кој многу им помогнал во процесот на работа додека се подготвувала претставата.
Поповски е роден во Полска, таму живеел 20 години и потекнува од егејскиот дел на Македонија. Го познава јазикот и културата на двата народи.
Како што е договорено меѓу двата театри, претставата понатаму ќе биде дел од фестивалската понуда и во следните неколку години и ќе се прават напори таа да гостува во што повеќе земји и фестивали.
Уметничкиот директор на МНТ, Тони Михајловски, рече дека иако претставата најверојатно доцни многу години, подобро е да биде реализирана некогаш отколку никогаш.
– Она што Полска го има направено за македонските деца во тоа време не се опишува. Љубовта која им е дадена, а претходно одземена, животот кој им е овозможен на тие луѓе и нивните приказни ќе бидат вплетени во оваа приказна – рече Михајловски.
Претставата ќе биде изведена во Македонија и во Полска, на македонски и на полски јазик со актери од двете држави.
Проектот е поддржан од Министерствата за култура на Македонија и на Полска. Претставата ќе биде дел и од програмата со која Министерството за култура ќе се претстави на манифестацијата „Вроцлав, европска престолнина на културата 2016 година“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.