Како што белиот фустан совршено прилега со црни сандали и чанта и црвено сако и никогаш нема да излезе од мода, така и црно-белата комбинација со црвени детали во домот секогаш ќе биде актуелна. Ова класично, а сепак возбудливо „трио“ на бои нуди многу можности за игра. Сепак, не претерувајте со црвената, зашто може да биде агресивна и да направи да се чувствувате нервозно.
Имајте предвид дека црвената и црната се визуелно нападни и тешки бои и дека белата е таа која ги смирува. Со други зборови, ако не сте доволно вешти во уредување на ентериер а имате дилема, изберете бела. Не само што нема да погрешите туку и црвените и црните детали на тој начин повеќе ќе се изделат и ќе добиете поголем ефект.
Во дневната соба црвената може да се најде на слики, фотографии, на завесите, теписите или на перничињата. Во трпезаријата црвени столови даваат шик изглед. Кујната уредете ја така што сѐ ќе биде бело и црно, а акцентот ќе го ставите со само еден црвен детаљ, на пример шпорет или работна површина. Не заборавајте дека оваа комбинација во кујната бара да обрнете внимание на осветлувањето кое не смее да биде само функционално, туку мора да го задоволи и естетскиот момент.
Бојата на љубовта и страста совршено ќе се вклопи во спалната. Искористете ја за перничиња, прекривки, па дури и еден ѕид. Со големи фотопринтови од познати фотографии, на пример од филмски диви, вашата спална ќе асоцира на златното доба на Холивуд.
Овој тренд можете да го искористите дури и за бања, и тоа со црвени плочки или детали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.