| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на БЈБ во посета на СВР Тетово

Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков денеска престојуваше во посета на Секторот за внатрешни работи во Тетово.

Целта за посетата, како што посочи Чавков, била да им даде поддршка на вработените во СВР Тетово кои во текот на вчерашниот ден пронајдоа 1,5 килограми марихуана во Гостивар и приведоа лица барани за повеќе кривични дела.

– Сметав дека вчерашниот професионален пристап на колегите од СВР Тетово треба да го поддржам и токму поради тоа дојдов да им дадам и лична поддршка и да продолжат со професионалните активности и енергичниот пристап во преземањето полициски дејствија бидејќи само со превенција и одлучни полициски активности ќе обезбедиме безбедност за граѓаните, но и да внимаваме и да ги почитуваме човековите права, изјави Чавков.

Договорено е во следниот период да се засили соработката на Бирото за јавна безбедност, Министерството за внатрешни работи и СВР Тетово.

Во однос на вработувањата непосредно пред завршувањето на неговиот мандат како министер, Чавков истакна дека се е согласно Законот за внатрешни работи.

– МВР е сериозна институција и планирањата на човечките ресурси, како и на материјално-техничките средства и вработувањата не се прашања за дневно-политички цели. Тоа се активности што се спроведуваат во рамки на Стратегијата за развој на човечките ресурси во МВР и практично според потребите и опкружувањето од безбедносни ризици, ги планираме вработувањата. Не би правел ни разлика дали тоа е направено во последните денови или последниот период, едноставно во континуитет имаме точна проценка и анализа колкави се потребите на МВР, и не само за овој период, туку до 2020 година точно знаеме колку полициски службеници ќе одат во пензија и колку полициски службеници на годишно ниво треба да се вработат за да се обезбеди континуитет во вкупните капацитети на МВР, појасни директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top