| четврток, 6 декември 2018 |

Битола дише во знакот на филмот – почнува „Браќа Манаки“

Со македонската премиера на филмот „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде Шербеџија и на Данило Шербеџија, вечерва во Центарот за култура во Битола во 20 часот, започнува 37. издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“  .

Се работи за  македонско-хрватско-финска копродукција. На утрешната свеченост на отварањето на црвениот килим ќе продефилираат Раде Шербеџија, харизматичмните Луција Шербеџија и Силвија Стојановска, актерите Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула, Аксел Мехмед.

А во Битола, на црвениот килим ќе прошета и младиот талент, 11-годишниот Давид Тодосовски, кој дебитира во главна улога во овој филм.

Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Раде Шербеџија. Режисерот и косценарист Шербеџија играше и во праизведбата на текстот за истоимената драмска претстава во Загреб во 70-тите години на минатиот век. Асистент на режија е неговиот син Данило Шербеџија. Јовановиќ ќе и’ се придружи на екипата на филмот во Битола, а доаѓа и финскиот копродуцент Арто Халонен.

-Филмот „Ослободување на Скопје“ е мој сон. Тоа е најдобро напишан драмски текст на просторот на некогашна Југославија, чиј автор е Душан Јовановиќ, а во која и јас играв. Со неа имавме голем успех низ целата земја. Едноставно, приказната е фантастична. Цело време размислував, додека живеев во САД, како да направиме филм од таа претстава, која имаше успех и во светот. Тоа е неверојатна приказна за Македонија, за менталитетот, за музиката, карактерите на луѓето, за љубовта – вели  Шербеџија, кој  сценариото за филмот го напишал пред девет години.

Главниот лик во оваа приказна е Зоран, осумгодишно момче и низ неговите очи се прикажуваат суровите сцени на војната, сликите на сиромаштијата и страдањата за време на окупираното Скопје. Таткото на Зоран е заминат во партизани, истовремено се случува љубовна драма помеѓу мајката на момчето и еден германски офицер…

Директор на фотографија е Дејан Димески, Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот. Монтажа – Николас Гастер, Дизајн на продукција – Иван Бартлинг, Костимографија – Жељка Франуловиќ.

Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола. Продуцентски куќи: „Партизанс“, „Lijeni film“, „Art Flms Production“, „MP filmska produkcija“. Копродуценти: „Кино око“, F&MЕ, YLE.

На свеченото отворање на фестивалот, на Оскаровецот Џон Сил ќе му биде врачена Златна Камера 300 за животно дело, а писмо од Роби Милер, ќе прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за него. На Милер, кој не може да пристигне во Битола од здравствени причини,  Златната камера 300 за животно дело, директорот Благоја Куновски и Гена Теодосиевска, уметничкиот директор на фестивалот,  му ја врачија во Амстердам на отворањето на големата ретроспективна изложба посветена на неговата работа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top