| четврток, 6 декември 2018 |

Смртоносна туберкулоза сее страв на Балканот, во Македонија нема место за паника

tuberkuloza

Смртоносна туберкулоза сее страв на Балканот. Најзагрозена е Романија, каде  што има најмногу заболени во целата ЕУ и најголем број случаи со екстремно отпорни форми на кои не дејствуваат постоечките антибиотици.

Загриженост владее и во Србија, бидејќи граничи со Романија, а болеста е сериозна закана и за македонските граѓани.

Пулмолозите предупредуваат дека инфицираниот со месеци може да нема никакви симптоми и слободно да се шета и дружи со други лица.

Од Институтот за ТБЦ во Македонија велат дека состојбата во Романија ја знаат со години и досега немало увезен случај со опасна туберкулоза, но предупредуваат дека опасноста секогаш постои и затоа е потребна голема внимателност.

Директорката на Институтот во изјава за Сител вели дека во земјата имаме добра контрола на оваа болест.

-Србија е поблиску, а ние досега не сме регистрирале, но кај нас контролата е сѐ подобра и подобра. Од година в година ни се намалува бројот на заболени. Лани имавме 284 случаи. Досега сме имале 3-4 случаи на мултирезистетна форма и само еден случај на екстремно резизстентна туберкулоза, кој успешно е излекуван. Ги преземаме сите мерки на превенција, вели Билјана Илиевска – Поповска, директор на Инситут за ТБЦ.

И додека српските пулмолози укажуваат дека им се потребни два до три месеци за утврдување на точната дијагноза на заболениот, македеонскиот здравствен систем е во подобра состојба. Од Институтот за ТБЦ велат дека со новите молекуларни тестови, имаат можност за брза дијагноза за која им е потребна една недела.

Годинава во земјата е регистриран само еден случај на туберкулоза во затвор, за разлика од лани кога имале 4 заболени. Покрај затворениците, ранлива категорија за оваа болест се и децата. Во 2016 во Институтот за ТБЦ евидентирале околу 12 деца со ова заболување.

Замор, малаксаност, губење на тежина, потење, кашлање, искашлување се само дел од симптомите на обичната туберкулоза кои не се разликуваат со екстремните и опасни форми на болеста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top