Република Македонија на својот 25. роденден нема друга алтернатива, освен да ја продолжи битката за опстанок на државата, битка во која мора да има само еден исход, силна и просперитетна држава. Тоа им го должиме и на илинденците, на асномците, на тие што се изборија со Слободан Милошевиќ за независна држава, но, пред сѐ, на идните генерации што треба да живеат во неа. Задачата воопшто не е лесна. Не ни одат на рака ниту интересите на соседите, ниту великодржавните аспирации на дел од балканските земји, кои сега се маскирани во меки обиди за културна и политичка хегемонија, ниту новата студена војна што ја водат Западот и Русија, а уште помалку желбите на половина Африка и на Блискиот Исток преку Македонија да дојдат во ЕУ.
За да биде трагедијата поголема, самите ние, односно делови на македонската политичка и општествена елита, сме виновни што на тие што отворено нѐ негираат им даваме шанса да ги спроведат своите цели за Македонија.
Еден од најдобрите примери за суицидните нагони на „Македончето“ е внатрешната политичка криза, која почна пред една година со политичка практика дотогаш невидена во светски размери – да се објавуваат илегално добиени приватни разговори. Кризата, која почна во месеците кога грчките дипломати и новинари почнаа јавно да изјавуваат дека притисокот од светските велесили за името е сѐ посилен и дека ако продолжи со тој интензитет, владата во Атина ќе мора да попушти од своите „црвени линии“. Со неодговорните „бомби“, освен што беа растресени темелите на македонската стабилност, со еден удар се поништи и поволната македонска позиција и ѝ се даде аргумент на Грција да купи дополнително време од членките на НАТО и на ЕУ затоа што „Македонија е во политичка криза, без чиешто надминување не може да се решава името“.
А името од привремена референција, која требаше да трае три месеци, се претвори во кошмар што Македонија го живее во текот на сите овие 25 години. И тоа, како и многу други теми во Македонија, со години, веќе и со децении носи противречни чувства. Чувство на гордост, што и покрај сѐ опстанало со векови на ова парче земја од многумина поробувана и асимилирана, но и чувство на горчина што во векот кога Европа и светот зборуваат за правата на хомосексуални двојки и за легално користење наркотични средства, на малата Македонија ѝ се одзема правото да го користи своето име, кое, и според судиите на Светскиот суд во Хаг, не загрозува никого. Право, кое, според сите меѓународни правила, не смее да ѝ биде одземено на ниедна нација.
25 години конфузија и двојни аршини и погледи
Противречни чувства има и за луѓето што ги одбележаа овие 25 години независност. Повторно малата историска дистанца, но и македонскиот менталитет да се биде индиректен, да не се кажуваат работите со вистинско име. Најдобар пример за ова е првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров за кого граѓаните сѐ уште имаат измешани чувства. Па така, две и пол децении од независноста едни го величаат како мудар и голем лидер, кој знаел како да избегне војна за време на распадот на Југославија, а други го сметаат за предавник што се согласи да го смени уставното име со кратенката ФИРОМ и се согласи ЈНА под контрола на Белград да ги однесе сите воени ресурси, кои Македонија ги плаќаше во поранешна Југославија.
Вината и за овие контрадикторни размислувања повторно може да се бара во нас самите. Во тие што дозволија луѓе од типот на Стојан Андов, Тито Петковски и други поранешни комунистички функционери што до крај беа против независноста на Македонија и кои во историските моменти на создавањето на Нова Македонија се крстеа во Југославија, сѐ уште да бидат дел од македонската политика и да го создаваат системот што веќе петта година е во сериозна криза.
Заслуживме ли 115 години откако еден од апостолите на македонската револуционерна борба Гоце Делчев ја кажал историската мисла „Јас не познавам друг народ што повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот“, таа да биде актуелна како да е кажана вчера. Заслуживме ли како во пресрет на илинденското востание, кога народот свесен дека ќе гине во турските погроми, се кревал на оружје, повторно сега народот да размислува за земање на правдата во свои раце, не можејќи да гледа како некои си играат со македонската држава.
Не помалку боли примерот со кумановските настани кога еден сериозен вооружен инцидент во кој загинаа осуммина големи синови на Македонија, само поради ситни политички поени, да остане запаметен како контроверзен за голем дел од граѓаните. Заслуживме ли и ние и, пред сѐ, семејствата на осумтемина загинати, да читаат лаги во кои нивните татковци „загинале поради обид во Куманово да се дефокусира јавноста од т.н бомби“.
И сето тоа поради политичката импотентност на дел од македонското политичко милје, кое не знаејќи како да се соочи со својата болест се обидува да ги затресе или целосно да ги урне темелите на македонската државност за на урнатините да создаде „подобар и поправеден систем“ за кој досега не сме чуле конкретен план, освен општи флоскули, кои ем ништо не значат ем се распрскуваат како меур од сапуница кога „праведните и чесните“ ќе дојдат во ситуација да владеат.
Се разбира, ниту ВМРО-ДПМНЕ не е безгрешна, простор за критики има и ќе има, и оваа партија не е имуна на сите болести што се присутни како во регионот така и во Европа. Како во периодот од 1998 година до 2002 година, така и во периодот од 2006 година до ден денешен.
За нејзина среќа или благодарение на нејзината процена и ум, најголемата македонска партија ги нема зад себе хипотеките на катастрофалната и криминална приватизација, 200 илјади работници на улица по независноста, територијалната поделба од 2004 година и егзодусот на Македонците од Струга и од Кичево, теми за кои СДСМ уште долго нема да дојде во ситуација да добие мнозинство во македонскиот парламент. Искуството во земјата, во други земји во регионот и пошироко не ми дава за право да напишам со сигурност дека без поддршка од народот не може да дојде во ситуација да ја раководи владата. Евентуалното такво сценарио, можеби, на краток рок ќе биде добро за Заев и за неговите придржувачи, но во никој случај нема да биде добро за Македонија. На среден рок, дефинитивно, ќе биде погубно за социјалдемократската идеја во земјата.
Секогаш во криза
Македонија е родена, задоена, израсната и се движи кон средовечност секогаш во услови на криза. Речиси немало година од 1990 година до сега во која немало ембарга, етнички судири, паравојски, катастрофални економски чекори, девалвации, воени конфликти, елементарни непогоди, сериозни безбедносни предизвици, вета од соседите и други видови нестабилност. Ќе ја издржи и оваа политичка криза, ќе ги издржи и другите што ќе дојдат по неа затоа што во генот на Македонецот е да се избори со болестите од кои заболува. Но тие што се виновни за тие болести, особено за дијагнозите со странски вируси, треба да знаат дека народот, кој е најдобар и единствен историски судија, нема да им прости за неделата. Без разлика дали зад нив стојат странски поединци, институции и организации. Правдата, колку и да е бавна, ќе ги стигне сите што ѝ мислат лошо на оваа преубава и, како ретко која, напатена земја.
(Текст објавен во 210. број на неделникот Република, 9.09.2016)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ова е тежок ден за Република Македонија
-
Сеќавање на осамостојувањето: Како Кљусев, Мијалков и Змејковски ги извлекоа македонските војници од Хрватска
-
На 8 Септември ќе се пее на албански и на ромски: Владата не кажува колку ќе се потроши за прославата за Денот на независноста
-
Сите зборуваат за патриотското здолниште на Меланија (ФОТО)