Фестивалот ќе го отвори претставата „Човекот кој не знаеше да каже не” во режија на Мартин Кочоски, во копродукција со ФКТ „Ристо Шишков” и театарот „Војдан Чернодрински” од Прилеп.
– Се надеваме дека во сите фестивалски денови ќе понудиме квалитетна програма која ќе ја пополнат претстави од Македонија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и Србија. Истовремено, сакам да нагласам дека имаме по една претстава за отворањето и за затворањето на фестивалот, за кој имаме тенок буџет, изјави Ванчо Патриков, директор на фестивалот.
Покрај театарски претстави, ФКТ „Ристо Шишков” ќе понуди и повеќе промоции и проекции на филмови.
Ќе биде отворена и изложба на фотографии на примабалерината Зоица Пуровска Велевска, а првиот фестивалски ден ќе го заокружи „Разговор во четири очи” во режија на Нина Николиќ, во копродукција на „Скопје филм студио” и Македонскиот народен театар.
На фестивалот ќе биде промовирано и ДВД-то „Духот на татко ми” посветен на доајенот на македонското глумиште Ристо Шишков и неговиот починат син, Васил Шишков, во режија на Горан Тренчовски. Промовирана ќе биде и книгата поезија „Креативна бурлеска” на Јоана Шишкова, како и книгата „Сума театралка” на Градимир Гојер.
Фестивалот на 12 септември ќе го затвори „Солун – град на духови” во режија на Слободан Унковски, во продукција на Театарот на навигаторот Цветко Скопје.
Најдобриот актер ќе добие златен медалјон со ликот на Шишков и 1.500 евра парична награда и признание.
Годинава се одбележуваат 30 години од смртта на патронот, Ристо Шишков. Фестивалот на камерен театар е финансиски поддржан од Општина Струмица и од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.