| четврток, 6 декември 2018 |

Франц Јозеф Јунг: Македонија има перспектива во ЕУ и во НАТО

Franz_Josef_Jung_CDU

Неминовно е Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО како што е неминовно Европската унија и Германија да сторат сè што можат за да се обезбеди европската граница со што ќе ѝ се помогне и на Македонија во иднина да нема проблеми со илегалните мигранти, смета Франс Јозеф Јунг, пратеник во германскиот Бундестаг и поранешен федералан министер за одбрана кој вчера во Берлин се сретна со лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски.
По средбата со делегацијата на ВМРО -ДПМНЕ  Јунг за МИА изјави дека ЕУ не може сама да ги обезбеди внатрешните граници затоа што на пример Грција и Италија не можат да се справат со овој проблем. За Јунг внатрешните граници на ЕУ можат да бидат отворени само доколку биде обезбедена надворешната граница на Унијата. Во врска со македонскиот пат до членството во ЕУ и НАТО Јунг смета дека се работи за важно прашање  за кое тој има решение.
– Ова прашање го сметам за многу важно, и во периодот кога бев министер за одбрана ја дадов мојата поддршка за спорот со името во однос на патот на државата кон евроатланските интеграции со тоа што сметав дека Грција треба да го одвои проблемот со името од интеграциите. Сметам дека со помош на меѓународните институции може да се дојде до решение на проблемот, со што тој би се надминал и Македонија ќе има  перспектива во НАТО и ЕУ – изјави Јунг.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ во Берлин преку размена на детални информации со германските домаќини пред се од политичкиот живот се обидува, како што вели, да даде реална претстава за состојбите во земјата и за позициите на Македонија во врска со приоритетните прашања.
– Разговараме доста сериозно и доста прецизно со точни и прецизни информации за се она што е значајно, за да луѓето ја добијат реалната слика во Република Македонија и онаа слика за проблемите. Луѓето кои доаѓаат на состанокот доаѓаат информирани, но по состанокот заминуваат уште поинформирани и ги знаат точно нашите залагања за понатаму и за тие залагања и тие наши планови и стратешки цели има сериозна поддршка – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Берлин Груевски се сретна и со со Ханс Петер Фридрих, одговорен за надворешна политика во пратеничката група на партијата на канцеларката Меркел, ЦДУ. За екс министерот за внатрешни работи на Германија многу  е важно да се задржи стабилноста на Европа, а балканската рута за бегалците да остане затворена.  – Македонија за ова прашање одигра важна улога и ние сме многу благодарни на земјата што ја затвори границата кон Грција со што оваа рута ја направи неатрактивна за илегалните мигранти. Во врска со иднината на Македонија во ЕУ и НАТО Македонија е кандидат без дилеми дека треба да стане член но во моментов во Европа имаме многу проблеми и дискусии за проширувањето и затоа прашањето за членство на Македонија во ЕУ и НАТО останува отворено.
Фридрих вели дека Германија е задоволна што сите партии заеднички постигнаа договор за одржување избори на 11 декември затоа што демократски избори се најдобра гаранција дека една земја е стабилност  и добра иднина.
Во текот на вчерашниот дена лидерот на ВМРО – ДПМНЕ се сретна и со  координаторката на пратеничката група на Христијанско Социјалната Унија во Бундестагот како и со државниот секретар во германското министерство за надворешни работи Михаел Рот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top