Оваа година поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ одбележува значаен јубилеј – 55 години постоење. Како прв човек на фестивалот, што значи за Вас да се одбележува ваков јубилеј на најголемата светска поетска манифестација?
Стефоски: Огромна чест е да се раководи со најстариот светски поетски фестивал, а особено е задоволството кога одбележуваме 55 години постоење. Ваквите моменти секогаш поттикнуваат на сеќавање на сите што го основале фестивалот и биле дел од организацијата во минатото. Истовремено, јубилеите се и некаква клучна, пресвртна точка, од каде што треба да се тргне во поинаква насока со цел да се обезбеди таа улога која ја имаат СВП и во однос на македонската книжевност, но и во светски рамки. Не е едноставно да се одржи еден таков настан постојано да биде атрактивен и влијателен. Така ние, како актуелно раководство гледаме на овој јубилеј, па затоа токму во ова издание направивме смели измени во програмска смисла. Полека внесуваните измени од претходно, заедно со новитетите од ова издание, сега даваат една поинаква физиономија на фестивалот во еден негов сегмент, што верувам дека ќе придонесе тој да биде поатрактивен.
Изминатите години во Струга продефилираа безброј поети од сите светски меридијани, се прочитаа безброј песни на многу јазици, се претставија поезијата, музиката, културата и традицијата на многу држави на истекот на Дрим…. Колку поети гостуваат оваа година на фестивалот и од кои земји?
Стефоски: Во согласност со концепцијата на програмата за овогодишното издание, 32 поети од 30 земји ќе бидат учесници, на кои, секако, треба да се додадат и македонските поети, критичари, преведувачи, кои во разни улоги, од поети-учесници, до беседници, модератори, членови на жири-комисии итн., исто така, ќе бидат дел од фестивалот. Се разбира, тука треба да ги спомнеме и професионалните посетители, кои се дел од еден значаен сегмент од фестивалот, но и од стратегијата да се овозможи промоција и на македонската поезија во светот, во превод на други јазици и преку учество на книжевни манифестации. Веруваме дека со вмрежувањето на фестивалот во интернационални асоцијации, но и преку билатералните и мултилатералните соработки, тој ќе си го добие местото на кое му припаѓа, како дел од оние неколку кои треба да бидат и креатор на културните политики на полето на поетското творештво.
Маргарет Атвуд е годинашниот лауреат на наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“. Се чини дека токму ваков избор на лауреат му прилега на јубилејот: почесен професор на 30 универзитети во светот, меѓу кои се најпрестижните, Оксфорд, Кембриџ, Харвард и Сорбона, наградена со повеќе од 40 престижни признанија, меѓу кои се Букеровата и Гилеровата награда, а отсега и со „Златен венец“ на СВП. Како течеше комуникацијата со неа? Таа првпат доаѓа во Македонија. Колку знаеше за земјава?
Стефоски: Навистина е огромно задоволството што канадската поетеса и писателка Маргарет Атвуд е овогодишен лауреат на наградата „Златен венец“ на СВП. Едно од најголемите и најатрактивните книжевни имиња во светски рамки доаѓа во регионот првпат. Од организациски аспект и не можете да добиете повеќе од ова, иако сето тоа не е едноставно да биде успешно реализирано. И видливо е дека нејзиното доаѓање предизвика интерес за овогодишниот фестивал во пошироки рамки, така што ќе имаме и неколкумина професори на престижни универзитети кои докторирале на творештвото на Атвуд, а и неколку значајни магазини и весници од неколку европски земји ќе го проследат фестивалот. Очекуваме дека едно вакво книжевно име како Атвуд, исто така, ќе биде покана и за домашната публика.
Програмата на фестивалот секоја година се подготвува во одредени рамки, според традиционално востановената шема на манифестации, како: Поетски портрет на лауреатите, Ноќ без интерпункција, Поетско читање… На кои локации ќе се одвиваат настаните и каде сѐ ќе се одржи „Поезија на пат“?
Стефоски: Во изминатите четири изданија ние секоја година внесувавме промени, од програмската концепција, до локациите, но и градовите во кои ќе ја реализираме. Да потсетам дека внесувањето на содржините како „Поетски кругови“, „Поетски портрети“, но и редизајнирањето на програмската содржина „Поезија на пат“, придонесе драстично да се измени физиономијата на фестивалот. Оваа година внесуваме и попладневни дебати и презентации во рамките на „Поетско кафе“, но и нови локации за „Поезија на пат“, како што е „Куќата на Уранија“ во Охрид, каде што ќе биде претставувањето на неколку значајни светски поети. Се разбира, останува соработката со Општина Ресен и со Центарот за култура од Битола, со кои заеднички ги организираме поетските читања во рамките на „Поезија на пат“. Се надеваме дека најголемиот интерес ќе го предизвикаат поетските портрети на учесниците, особено поради тоа што тие се внимателно програмирани и ќе овозможат во еден ист програмски дел да бидат презентирани разнородни поетики обединети околу едно програмско средиште, со што влегуваат во своевиден дијалог.
Ќе има ли годинава во Струга атрактивни поетски имиња?
Стефоски: Фестивалот оваа година директно добива една програмска насоченост имајќи го предвид тоа дека се обидовме, покрај творештвото на Маргарет Атвуд, да презентираме неколку други атрактивни поетеси, чиешто поетско писмо е провокативно од повеќе аспекти. Впрочем, оваа година фестивалот го започнуваме со тоа што сите три лауреати на најзначајните награди се поетеси: Маргарет Атвуд на „Златниот венец“, Виолета Танчева-Златева на „Браќа Миладиновци“ и Руна Светликова на наградата „Мостови на Струга“ на УНЕСКО и СВП. Некои од поетесите, како на пример Чжоу Цан, една од најпознатите феминистки во Кина, истовремено е и преведувач на поезијата на Маргарет Атвуд. Оваа година навистина имаме многу атрактивни имиња: Нужум ал Ганем од Обединетите Арапски Емирати, поетеса и еден од најзначајните режисери, Хавива Педаја од Израел, Лијан О’Саливен од Ирска, Јоланда Кастањо од Шпанија, Марија Ференчухова од Словачка итн.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Дејан Станчевски
(Текст објавен во 209. број на неделникот „Република“, 2.09.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Почина албанскиот поет Фатос Арапи, добитник на „Златен венец“ на СВП