| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел и Ренци: Да се вратат дома емигрантите што не можат да останат

Италијанскиот премиер Матео Ренци и германската канцеларка Ангела Меркел се согласија вчера да ги зајакнат напорите за емигрантите кои немаат право на азил во Европа да бидат вратени во земјите од каде потекнуваат.

– Сите ние во Европа мораме да работиме на репатријација на сите оние кои немаат право да останат. Незамисливо е да можеме сите да ги примиме – истакна Ренци по состанокот со Меркел во Маранел.

Меркел се согласи дека не можат сите емигранти да останат во Европа.

– И Италија го има истиот проблем, значи имаме заедничка агенда. Оние кои немаат право да останат, мораат да бидат вратени во земјите од каде потекнуваат – нагласи германската канцеларка.

Таа укажа на договорот кој ЕУ и Турција го потпишаа во март, со цел да се запре приливот на мигранти во Европа, како пример како соработката може да помогне во спречувањето на илегалната миграција.

Меркел додаде дека би требало да се употребат економските влијанија со цел оние кои планираат да мигрираат да останат во нивните земји.

– Важно е да постигнеме договор со земјите од каде потекнуваат мигрантите, објасни Меркел, давајќи ги како пример договорите на Италија, Франција и Германија со Мали и Нигер со цел унапредување на економскиот раст во супсахарските земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top