| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен грандиозниот „Јавуз Султан Селим“ трет мост на Босфорот (Видео)

Турција гордо во Истанбул свечено го отвори третиот и најимпресивен „Јавуз Султан Селим“ мост на Босфорскиот премин кој ги спојува Европа и Азија, а е наречен по султан од 16 век.

Според турските власти, тоа е најдолгиот висечки мост со железнички систем во светот. Долг е 1,4 километри, широк 59 метри и ќе има осум сообраќајни ленти и двонасочна железничка пруга. Изградбата чинеше 900 милиони евра. Пилоните на мостот високи се 323 метри, што ги става во рангот на Ајфеловата кула (324 метри).

Се очекува мостот да го намали сообраќајниот метеж во Истанбул и да го олесни проблемот со загадувањето на воздухот во градот. Дневно ќе го преминуваат околу 135.000 автомобили. Мостарината за автомобилите кои ќе минуваат од европска кон азиска страна ќе изнесува три евра, а во обратен правец нема да се наплатува.

– Мостот за 30 отсто ќе го намали сообраќајот во Истанбул и ќе го ублажи притисокот на другите два моста, изјави турскиот министер за сообраќај Ахмет Арслан.

На свеченото отворање на мостот присуствуваше македонскиот претседател Ѓорѓи Иванов, како и бројни државни претставници, меѓу кои претседавачот со претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал Калифа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top