Решавањето на билатералниот спор за името меѓу Македонија и Грција не било тема на денешната средба на министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Попоски и Никос Коѕијас, туку развивањето и унапредувањето на мерките за доверба, продлабочување на економската соработка, соработката во областа на образованието, културата, енергетиката…
– Не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе нѐ ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот. Значи, потребен е компромис со кој ќе се задоволни повеќе страни – истакна по средбата Коѕијас.
Црвени линии и при секој компромис, смета тој, мора да има бидејќи во спротивно тој не би бил добар, туку, како што рече, „скапан“.
Попоски истакна дека фокусот на развивањето на соработката и градењето на довербата е потребен за да се дојде до ниво кога би можело да се разговара за други прашања.
– Името и блокадата се реални, тие се проблем. Во однос на тоа имаме различни ставови и тоа е констатирано во минатото и е факт. Од друга страна, има друга реалност на која може да се влијае, а тоа е создавањето на клима на поголема доверба меѓу двете земји и зголемување на соработката меѓу нас. Тоа го правиме преку мерките за градење доверба и на тоа сме посветени. Доколку има една реалност и таа не може да се промени, а тоа е разликата која постои меѓу нас во однос на спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради оваа блокада, можеме да се посветиме на тоа што и де факто сакаме да го постигнеме, а тоа е поголема стабилност, поголем економски просперитет за нас и за нашите држави – истакна Попоски.
Тој смета дека ова може да се постигне и преку членството во НАТО и во ЕУ, но, како што рече, и сега и тогаш тоа ќе зависи од нас.
– На некој начин оваа фаза ја гледаме како наше докажување за капацитет сами да си ги решаваме проблемите, да не седиме со скрстени раце и услови во кои пред да влеземе во ЕУ и НАТО и потоа колку имаме стабилност и економски просперитет ќе обезбедиме зависи од македонските капацитети, а од ничии други. Во овој контекст мислам дека Грција е многу важна, можеби и најважната за градење на економската стабилност и просперитет и затоа најдобро е сами да си бидеме газди на нашата иднина, да си ја креираме и да седнеме и со Грција и со која било друга држава да градиме што е можно повеќе мостови – истакна Попоски и додаде дека тоа треба постојано да се прави.
Во однос на состојбата со политичката криза во Македонија, Коѕијас одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека тоа е внатрешно прашање на земјата и оти улогата на грчката политика не треба да биде да ги храни обидите за криза, туку со политиката да помогне таа да се реши.
–Најлошо е некој да ја храни кризата од надвор и да не дозволи таа да биде решена – рече шефот на грчката дипломатија. Додаде дека Грција сака да ја види Македонија стабилна, економски силна и нејзиниот народ да живее добро.
Тој не го доведува своето доаѓање во Македонија во врска со претстојните евентуални избори во Македонија како поддршка за актуелната власт, а исто така, како што рече, не го ставил и ветото против санкциите за Македонија во ЕУ од тие причини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.