„Добра вест за Валандово и регионот. Денес започнува инвестицијата на Сардич МЦ за изградба на рударскиот комплекс Казандол за производство на катоден бакар, инвестиција која е од исклучително важност за целиот регион на Валандово и соседните општини и собено важна за целиот рударски сектор во државата. На оваа инвестиција се работеше подолг период.“, објави денеска претседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на својот профил на Фејсбук.
Компанијата Сардич MЦ по двегодишни истражувања денеска почнува со изградба на својот рударски комплекс во Казандол, Валандово. Ова е првпат по 40 години во Македонија да се гради рудник. Инвестицијата е англиска и е проценета на 35 милиони евра, а во првите седум години се очекуваат приходи од близу 135 милиони евра или околу 20 милиони евра годишно.
Груевски потсети дека првите контакти со инвеститорот беа уште во 2013а година, а повеќегодишните разговори и двегодишните детални истражувања на теренот, надополнети со посветена работа и ангажман на тимот за инвестиции и локалната самоправа резултираа со отпочнување на инвестицијата во вредност од 35 милиони евра, која ќе значи нови 250 работни места.
„Дополнително ова ќе обезбеди работа и за повеќе домашни компании од градежниот сектор во вредност од 15 милиони евра и ангажирање на дополнителни 150 градежни работници кои ќе работат на пропратната инфраструктура потребна за рудникот. Инвеститорот е заинтересиран и за дополнтелни истражувања за два нови капацитети каде истражувањата се во тек и се со планови за инвестиции за експлатација на руда и за овие две концесии“, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
На Казандол се потврдени резерви од 33 милиони тони рудни количина. Досега се потврдени за 20 години експлоатација. Капацитетот на рудникот е 4.000 тони катоден бакар. Ќе биде вградена современа технологија од фински „Аутотек“ која нема да има негативно влијание на животната средина.
Во фабриката што ќе се изгради во комплексот ќе бидат ангажирани директно 100 лица, а индиректно во целиот комплeкс ќе бидат ангажирани 250 лица.
Рударскиот комплекс се очекува да има позитивно влијание во регионот, но и приходи за државата. Компанијата ќе работи според македонски закони и според нив ќе плаќа давачки. Проценетиот прилив на средства во Македонија од производниот капацитет е 20 милиони евра.
„Она што е од особена важност е што се работи за развојна инвестиција од која ќе обезбедат сигурна егзистенција многу семејства. Отворањето на на нови работни места што ќе значат нова можност за луѓето, закрепнување и подигнување на нивниот стандард преставува наша првенствена цел. Потврда за нашата рбота е намалување на невработеноста, а кога станува збор за Валандово споредено сега 2016-та и 2006-та година таа е преполовена. Ако во 2006-та таа беше 3028 невработени, сега во Општината Валандово таа е за половина помалку односно 1021 невработени. И како што говорат фактите ние не се откажуваме и работиме на дополнитело нејзино смалување. Кога голем дел од нашите конкуренти се фокусирани на создавање на амбиент на несигурност и криза, нашиот главен и првенствен фокус останува економијата, каде досега имаме направено многу, но заедно со граѓаните ќе постигнеме уште повеќе. Се трудиме да решиме што е можно повеќе проблеми и да го реализираме ветеното, затоа што нашата обврска се граѓаните и нивните потреби“, завршува Груевски.
Се очекува производството на првите бакарни катоди да почне за една година. Производството ќе биде пласирано на европскиот пазар.
Ова е прва фаза на проектот. Со отворање на следниот рудник планирано е и отворање дополнителен погон за преработка на катодите во бакарни цевки и валана жица.
Покрај концесијата за Казандол компанијата има концесија и за Петрошница и за Плавуш.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.