Во Центарот за култура „Антон Панов” во Струмица денеска беше монтирана новата кино-опрема, која ја набави Министерствотот за култура, а со утрешната проекција на рускиот филм „Војна и мир“, по две децении филмофилите од градот и околината ќе можат да уживаат во проекциите на големото платно.
Како што информираше Иван Јовев, директор во НУЦК „Антон Панов”, Струмица е еден од деветте градови во кои Министерството за култура веќе инсталира нова комплетна дигитална кино-опрема која ќе овозможи квалитетна проекција на филмови од разни дистрибутери.
-Во соработка со Кинотека на Македонија и амбасадата на Русија во Македонија, од утре до 14 овој месец љубителите од Струмица ќе можат бесплатно да проследат шест филмови од руската кинематографија. Првите проекции ќе бидат во големата сала, а во иднина во зависност од бројот на публиката и временските услови и потреби на останатите сектори од Центарот, проекциите можат да бидат и на малата сцена, изјави Јовев.
За сега се планираат по две проекции неделно. Влезниците ќе бидат по симболична цена од 100 денари, а од Центарот за култура наскоро ја најавуваат и струмичка премиера на филмот „Трето полувреме“ од режисерот Дарко Митревски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.