| четврток, 6 декември 2018 |

Рекорден пораст на имигранти во Германија

germanija imigracija

Во Германија лани е забележан најголем пораст на бројот на имигрантите во последните 20 години, при што најголемо зголемување е регистирано при приливот на странци од земјите во Јужна и Источна Европа, соопшти денеска германската државна статистика.

Во текот на 2012 година во Германија дошле преку еден милион странски имигранти, што претставува пораст од 13 проценти во споредба со претходната година и е најголем прилив по 1995 година.

Главнината на имигрантите ја сочинуваат Полјаци и Романци, но лани висок раст на имигранти е регистриран и од земјите во еврозоната кои се погодени од кризата со внатрешниот долг, како што се Грција и Португалија, но и Шпанија и Италија.

Од овие земји бројот на имигрантите е зголемен за дури 45 проценти, што се објаснува со големата невработеност. Зголемен раст на имигранти во Германија има и од Бугарија и Унгарија.

Според податоците на германската статистика, во земјата е забележан раст од 14 проценти и на имигранти од земјите од Европа, кои не се членки на ЕУ, како и од Африка и Азија.

Покрај продолжената криза на економијата во еврозоната и во целата ЕУ, Германија и натаму е најстабилната земја во Унијата и останува најпривлечна за имигрантите од ЕУ и од нејзиното соседство.

Невработеноста во Германија и натаму е ниска во споредба со рекордите кои ги бележи југот на Европа, па без работа во оваа земја се седум отсто од жителите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top